Се урива диво затворен дел на плажите меѓу Ханиоти и Пефкохори

236

Општина Касандра на Халкидики, од утрово започна со уривање на диво заграден дел за да се отвори пристап до морето во делот на плажата меѓу Ханиоти и Пефкохори.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, по трагичните настани од минатиот понеделник, кога луѓе живи изгореа во катастрофалниот пожар во областа Атика, бидејќи со дивоградби е затворен пристапот на морето во населбата Мати, општината од Халкидики, реши да ги забрза претходно донесените одлуки.

Заменикот градоначалник од општина Касандра, Томас Кондос за радиото на грчката новинска агенција „Практорио 104.9 ФМ“ изјави дека конкретниот дел што денес се урива, е диво изграден меѓу два приватни имоти.

– Општина Касандра има високо чувство на одговорност кон граѓаните, посетителите и туристите на Касандра, на средината на летото, спроведува одлука за уривање на барикада за пристап до плажата, истакна градоначалникот Кондос.

Тој објасни дека целото прашање е четири години старо кога стигнале првите поплаки од жителите. Било планирано во мај да се отвори конкретното патче до плажата, но еден од двајцата сопственици на имотите, доставил одредени документи кои го запреле процесот, но кога документите одново се разгледале, била донесена одлука дека сепак патот треба да се отвори.

Според грчките медиуми, целта на општина Касандра е на секои 300-350 метри да има пат за пристап до морето, како што и воедно налагаат грчките закони.

По катастрофалниот пожар минатиот понеделник, грчката Влада, како што веќе објави МИА, го забрзува процесот на уривање на над 3.000 дивоградби во областа Атика во поширокиот регион на Атина.