Се подготвуваат првите тужби за НАТО поради бомбардирањето на Србија

99

Во здружението на граѓани „Осиромашен ураниум“, кое е поттикнувач на иницијативата да се тужат земјите на НАТО и граѓаните да добијат отштета, досега се јавиле околу стотина луѓе, главно од јужниот дел на Србија – Врање, Ниш, Бујановац, Прешево, Сурдулица…

Српскиот професор по право Срето Ного, кој е претседател на здружението на граѓани „Осиромашен ураниум“, поттикнувач на иницијативата да се тужат земјите на НАТО и граѓаните да добијат отштета, изјави дека очекува во октомври да бидат напишани првите тужби.

– Нашите адвокати ќе им ги достават тужбите со докази на колегите адвокати во Германија, Италија, Франција, Велика Британија и во САД. Интензивно разговараме со правниците од овие земји. Нивните адвокати ќе добијат полномоштва од нашите граѓани што ќе ги застапуваат. Одлучивме да поднесеме тужби пред националните судови на тие земји, бидејќи сметаме дека нашите граѓани ги имаат истите права како и граѓаните на другите европски држави… Ќе се обратиме и до Европскиот суд за човекови права – истакна Ного.

Тој потврди дека досега во здружението се јавиле околу стотина луѓе, главно од јужниот дел на Србија – Врање, Ниш, Бујановац, Прешево, Сурдулица…

– Апелирам да ни се јават граѓани од Панчево со медицинска документација за малигни заболувања. Не станува збор само за осиромашен ураниум, туку за сите оние отвори што се создадени од агресијата на НАТО – нагласи српскиот професор.
На прашањето како ќе ја докаже причинско-последичната врска меѓу бомбардирањето и појавата на болеста, Ного вели дека тоа ќе го докажуваат лекарите, а здружението ќе го организира правничкиот дел од работата.

Тој потсети дека поранешниот италијански воен пилот Доменико Леџеро со години се бори да ја докаже вистината за последиците од осиромашениот ураниум по здравјето на војниците во светските мисии и тоа уште од 1987 година.
Запрашан како ќе обезбеди средства за скапите судски постапки, Ного нагласи дека овие денови ќе биде објавен јавен повик до сите граѓани што сакаат да помогнат со донации или со спонзорство.

Српскиот професор очекува помош од војската за собирање докази. Ного истакнува дека од судската постапка нема да се извлечат ниту Бил Клинтон, ниту американските пилоти.