Се зголемува притисокот за предвремени избори

93

КОСОВО

Претседателот Хашим Тачи е подготвен да закаже избори во Косово, по оставката на премиерот Рамуш Харадинај, откако беше повикан од Трибуналот за воени злосторства во Хаг. Притисокот за нови избори се зголемува врз шефот на државата за да се објави датумот за предвремено гласање. Веројатно тоа ќе биде 8 септември, објавија медиумите во регионот.

Тачи рече дека е подготвен да се консултира со партиите, но опозицијата рече дека нема што да разговара со него, освен да каже датум за гласање.
Тој дури беше обвинет дека го одложи декретот, бидејќи се плашел дека неговата партија ќе изгуби.

Шефот на пратеничката група на најголемата косовска опозициска партија, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Авдулах Хоти, вели дека неговата партија не добила покана од претседателот на државата Хашим Тачи за консултации за одредување датум за предвремените парламентарни избори.
Хоти на својата страница на Фејсбук најави дека поради тоа ЛДК ќе побара свикување седница за распуштање на Собранието.
– Ние сѐ уште не сме добиле покана од претседателот за консултации за одредување на датумот за избори. Овие доцнења се неоправдани кога се има предвид дека земјата нема ефективна влада – напиша Хоти.

Според него, владејачката коалиција, која ја сочинуваат Алијансата за иднината на Косово (ААК) на Харадинај, Демократската партија на Косово (ПДК) на собранискиот спикер Кадри Весели, Социјалдемократската иницијатива (Нисма) на вицепремиерот Фатмир Лимај и Алијансата ново Косово (АКР) на шефот на дипломатијата Беџет Пацоли, „веќе една година нема легитимитет за владеење, а нема ниту сега за предложи нов мандатар“.

– Ние ќе одговориме на покана од претседателот единствено за одредување датум за избори. Ниту една друга тема не може да се расправа на тие консултации – напиша Хоти.