Сечат шуми за соседите, а повеќе увезуваат мебел

71

Црногорската индустрија лани извезла мебел за 766 илјади евра, додека извозот на сурово дрво бил поголем за 35 пати. Ова значи дека Црна Гора со извозот на дрвна маса ја развива индустријата за мебел во соседните земји, додека нејзината индустрија на база на дрво е недоволно развиена или воопшто ја нема, пишува весникот „Вијести“.

Според податоците на Монстат, за девет месеци годинава од земјата е извезена дрвна суровина во вредност од 21,9 милион евра, што е за три милиони евра повеќе во споредба со истиот период во 2018 година. Годинава се увезени полупроизводи и други производи од дрво во вредност од 22,3 евра. Увозот на мебел изнесувал 58,2 милиони евра или 10,5 милиони евра повеќе.

Една од причините за зголемениот извоз на суровини од дрво е одлуката на Владата на Косово во мај годинава за целосна забрана на извоз на дрво како суровина. Како образложение на властите од Приштина се наведува заштитата на својата домашна индустрија, која има висока стапка на раст и се соочува со недостиг од суровини. Ваквите мерки на Косово ги искористија црногорските сечачи на шуми и од Црна Гора биле извезени суровини за 10,5 милиони евра.

Целосна забрана за извоз во јуни донесе и Босна и Херцеговина, и нејзината индустрија за преработка на дрво бележи експанзија и остварува годишен извоз во вредност од 750 милиони евра. Црна Гора во мај 2017 година воведе привремена и делумна забрана за извоз на суровина од дрво, но таа не траеше долго ниту влијаеше на развојот на домашната преработувачка и индустријата за мебел.