Секој ентитет го оспорува користењето на јазикот на другиот

795

Во најновиот извештај на американскиот Стејт департмент за кршењето на човековите права во Босна и Херцеговина се посочува на негирање на геноцидот во Сребреница, на забраната на изучување на босанскиот јазик за повратниците во ентитетот Република Српска, но и на скратувањето на правото за изучување на српскиот јазик во ФБиХ, особено во Кантонот 10, каде што живее мнозинско хрватско население.
– Во текот на годините претседателот на РС и повеќе официјални лица од неговата политичка партија во повеќе настапи негирале дека српските сили го сториле геноцидот во Сребреница во 1995 година, наспроти повеќекратните пресуди на локалните и меѓународните судови – се наведува во извештајот на Стејт департмент.

Во извештајот се третира и проблемот за „две училишта под еден покрив“, во кој се напоменува дека политичките партии ја контролираат училишната администрација преку 13 различни министерства за образование. Исто така тие спроведуваат образовна политика заснована на етничка исклучивост. Понекогаш кога учениците, родителите и наставниците одлучуваат да се спротивстават на сегрегацијата, често наидуваат на политичка рамнодушност, а понекогаш и на методи за застрашување.
Во извештајот за непочитување на човековите права во Босна и Херцеговина се споменува и однесувањето на политичарите што критиките во медиумите ги третираат како говор на омраза, а имало и случаи кога од Канцеларијата на претседетелот на РС не им биле одобрувани акредитации за влез на прес-конференции на одредени медиумски куќи.

Последните општи избори, одржани во 2014 година, според извештајот на ОБСЕ, тие биле спроведени во „ривалска атмосфера“, во која кандидатите имале можност за слободна политичка изборна кампања, со основни слободи, како што се слобода на изразување и здружување. Претставниците на ОБСЕ забележале дека изборите биле спроведени ефикасно во административна смисла, но дека некои изборни кандидати манипулирале со изборните комисии, односно со составот и со тоа ја намалиле довербата во изборниот процес.

Иако властите задржале ефективна контрола и координација над агенциите за спроведување на законот и безбедноста, постои недостиг од јасна распределба на надлежностите и одговорностите меѓу 16 агенции за спроведување на законот, што доведува до повремена конфузија и поклопување на надлежностите. Во извештајот се наведува дека се забележани случаи на ограничување на слободата на изразување и на медиумите, што вклучува и застрашување и закани над новинарите.
Во извештајот на Стејт департментот има дел и за распространетата корупција во институциите на власт, како и насилство над ЛГБТ-популацијата. Наведени се случаи и на полициско насилство, но нема информација за нивно расчистување.