Секоја чета со свое боречко здружение

48

Во Федерацијата Босна и Херцеговина има повеќе од 1.600 здруженија на борци, а со новиот закон за боречки организации може да згаснат 70 отсто од нив. Бришењето на дел од организациите ќе биде од септември годинава, најави Сабахудин Рамиќ, претседател на Сојузот на борците на ФБиХ.

Во законот се дефинираат условите за функционирање на боречките здруженија, а тоа значи дека 51 отсто од членовите треба да бидат од категоријата за која се основа. Денес половина од здруженијата имаат најмногу 20 члена.
– Пред две години имаше речиси 1.600 здруженија, а во меѓувреме се регистрирани 17-18 нови. Со новиот закон нивниот број треба да се редуцира. На ниво на федерација треба да има пет сојузи, а овој број да се однесува и за кантоните и општините – вели Рамиќ.
Досега за сите здруженија од буџетот на општините, кантоните, градовите и ФБиХ годишно се издвојуваат од 3,5 до четири милиони конвертибилни марки (околу два милиона евра), главно за одбележување значајни датуми. Со намалување на боречките организации се очекува одобрените средства да им се поделат на постојните здруженија.

– Додека не се здружиме никогаш нема да ја постигнеме целта. Нема да дојдеме ни до законот за правата на демобилизираните борци – вели Рамиќ.
Јасмин Дувњак, шеф на Клубот на делегатите од редот на бошњачкиот народ во Домот на народите, смета дека со донесување на законот ќе се исполнат многу очекувања на борците.
– Потребно е да се реши прашањето за репрезентативност на здруженијата и така власта нема да забележува дека се финансираат над 1.500 организации – додава Дувњак.