Седуммина туристи загинаа во силната бура на Халкидики

90
Силниот ветер траел 20 минути и предизвикал голема материјална штета

Најмалку седум лица, меѓу кои и деца, загинаа, а најмногу до 100 лица се повредени во силното невреме што го погоди грчкиот полуостров Халикидики. Вкупно 26 лица се хоспитализирани во болниците во Солун поради повредите добиени во силното невреме, кое прексиноќа го зафати подрачјето на Халкидики и Северна Грција. Романка и нејзиното дете починале откако се урнал покривот од ресторан во Неа Плагија, додека руски турист и син му загинале при паѓање на дрво во близината на нивниот хотел во Неа Потидеа. Во невремето загинала и чешка двојка, кога ветерот ја превртел нивната камп-приколка. Според македонското министерство за надворешни работи, во невремето нема настрадани македонски државјани.
Бурата рушела дрвја, превртувала автомобили и предизвикала голема материјална штета.

Двајца од загинатите ги загубиле животите откако ветерот го превртел нивното возило, додека две лица – мајка и нејзиното малолетно дете, загинале откако врз нив паднал покрив од ресторан. Преостанатите две жртви настрадале од паднати дрвја.
– Сè изгледаше нормално. Ден обичен како и сите други. Тргнавме на прошетка околу 21 часот навечер. Ни тогаш ништо не навестуваше дека може да дојде до овие размери – изјави еден турист за „Блиц“.

Еден час подоцна почнало да дува малку посилен ветер. Само неколку минути подоцна, снемало струја во целото место. Почнала јака бура и ветрот почнал да носи сè пред себе. Почнало да паѓа силен дожд и имало грмотевици. Многу туристи се скриле во блискиот супермаркет, невремето траело околу еден час.
Страшното невреме се почувствувало и во Паралиа, Катерини, каде што престојуваат туристи од Србија и од Македонија. Оние што биле на шеталиштето во центарот на градот се засолниле во црквата. Сопствениците на угостителските локали, среде невремето, излезени пред локалите ги повикувале туристите да влезат во нивните објекти, додека ветерот носел сѐ пред себе.

Шефот на цивилната заштита, Хараламбос Стеријадис, го опиша невремето, проследено со силни ветер и дожд, како „досега невиден феномен“. Сведоци изјавија дека „чудното“ невреме траело само 20 минути.

– Првпат во мојата 25-годишна кариера гледам вакво нешто. Беше толку брзо, толку ненадејно – изјави Атанасиос Калцас, директорот на медицинскиот центар во Неа Мудања, каде што биле примени повеќето од повредените.

Невремето дојде по бран на многу топло време во Грција, при што температурите се искачија до 37 степени во изминатите два дена.

– Ваквите услови се екстремно необични за ова време од годината, бидејќи летата најчесто се суви и топли – изјави метеорологот Клеарксос Марусакис, прогнозирајќи нови врнежи во текот на денот.