Себија го продолжува владеењето на династијата Изетбеговиќ?

717

Доколку се остварат прогнозите за изборот на Себија Изетбеговиќ за кандидат за бошњачкиот член на Претседателството на БиХ, ќе значи продолжување на владеењето на фамилијата Изетбеговиќ цели 28 години

Јавноста во Босна и Херцеговина со големо интересирање ги следи случувањата во Партијата на демократска акција (СДА) чие претседателство за два дена ќе одлучи на кој начин ќе биде избран кандидатот за Претседателство на Босна и Херцеговина на наредните избори во октомври годинава. Радио Слободна Европа во текстот „Продолжување на владеењето на ’династијата’ Изетбеговиќ?“, ја разгледува опцијата за оваа престижна функција да биде предложена Себија Изетбеговиќ, сопруга на актуелниот претседател на партијата.

Во играта се четворица кандидати, а последниот збор, барем како што сега стојат работите, ќе го даде Себија, која е една од кандидатите на кадровската комисија на СДА. Иако, нејзиниот сопруг Бакир Изетбеговиќ претходно изјави дека најголеми шанси има Денис Звиздиќ, актуелниот претседател на Советот на министри на БиХ, тој не штедеше зборови да ја пофали Себија за храброста и визијата при водењето на сараевскиот Клинички центар, со објаснување дека „таа наскоро ќе израсне во силна жена-политичар каква што му е потребна на босанскохерцеговското општество“, пишува РСЕ.

Токму нејзиното именување на чело на Клиничкиот центар пред две години предизвика негативни реакции во јавноста, со сомневање дека се работи за класичен непотизам, но актуелниот претседател на Претседателството на БиХ Бакир Изетбеговиќ, овие напади ги сметаше за неважни. Доколку се остварат прогнозите за изборот на Себија Изетбеговиќ за кандидатка за бошњачкиот член на Претседателството на БиХ, ќе значи продолжување на владеењето на фамилијата Изетбеговиќ цели 28 години. Од основањето на партијата од таткото Алија, преку неговиот син Бакир, и сега со сопругата Себија династијата Изетбеговиќ ќе биде најдолгата лоза во извршувањето на државните работи на просторите на Балканот.
Професорот на Сараевскиот универзитет Евнер Казаз за Радио Слободна Европа објаснува како власта над Бошњаците во Босна и Херцеговина се концентрира во семејството Изетбеговиќ.

– Затоа што владее клиентелизмот, кој го воспостави Алија Изетбеговиќ. Формирањето парадржавни институции во текот на војната, резултира со тоа што голем број граѓани се директно зависни од главните центри на моќ. Јасно е дека овие центри одлучуваат за паричните текови во земјата, за плановите на нејзиниот развој, за секој тендер итн. – заклучува Казаз.
Радио Слободна Европа пишува дека оваа зависност од една фамилија покажува дека општеството во БиХ не преминало во демократија, туку останува во авторитарна лидерократија и партитократија.

– Попрецизно кажано, фамилијата Изетбеговиќ ги врати Бошњаците од модерно време во некој вид феудализам. Ние сега присуствуваме на хистеријата во владеењето на двесте семејства, кои владеат на остатокот од населението и кога таа партија се дели, во очекувањето на кандидатурата на госпоѓа Изетбеговиќ – нагласува професорот Казаз.
Во јавноста во БиХ со денови се шпекулира дека турскиот претседател Ердоган на собирот на својата партија во Сараево, ќе ја најави кандидатурата на Себија Изетбеговиќ. Истовремено, аналитичарката Ивана Мариќ анализира зашто доаѓа до раскол во оваа партија и зошто некои од челните лица ја напуштија оваа политичка опција и основаа сопствени партии.
– СДА долго време се раситнува. Станува практика пред секој конгрес на партијата поединци да ја напуштаат. Овде е специфично што високи функционери ја напуштаат партијата. И со себе повлекуваат и други членови. Партијата почна да се распаѓа откако ја презеде Бакир Изетбеговиќ. Ако се остварат предвидувањата за кандидатурата на Себија тоа би значело крај за СДА – порачува Мариќ.