„Света Софија“ се претвори во политичко боиште од светски размери

312

Турскиот државен совет ќе одлучи дали „Света Софија“ ќе биде пренаменета од музеј во џамија. Ваквиот контроверзен предлог предизвика разочарување и критики од голен број земји низ светот, пренесува Би-би-си.

Изградена во шестиот век од византискиот император Јуснинијан Први, „Света Софија“ беше најголемата светска црква за речиси илјада години. Црквата беше претворена во џамија кога Османлиската Империја го освои градот во 1453 година, но стана музеј во 30-тите години на минатиот век.

Доколку турскиот државен совет ја донесе одлуката, „Света Софија“ повторно би била конвертирана во џамија. Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, повика на оваа промена за време на изборен митинг минатата година. 

Верниците во Турција долго време бараа музејот да биде пренаменет во џамија, но секуларната опозиција се спротиставува на ваквиот потег. Предлогот предизвика меѓународни критики од религиозни и политички лидери ширум светот. 

Поглаварот на Православната црква се спротивстави на овој предлог, а исто така отворено се спротистави и Грција. Грчката министерката за култура, Лина Мендони, ја обвини Турција за заживување на „фанатичкиот националистички и религиозен сентимент“, инсистирајќи на тоа дека не може да се изврши промена на локалитетот на светско наследство на УНЕСКО, без да биде одобрено од страна на меѓувладиниот комитет на телото. Во интервју за грчкиот весник „Та Неа“, заменик-директорот на УНЕСКО, Ернесто Отоне Рамирез, се согласи дека е потребно широко одобрување за да се оствари ваквиот потег. 

– Обединетите нации испратија порака до Турција за случајот, но не добивме одговор – вели Рамирез. 

Поради нејзината 1.500-годишна историја, „Света Софија“ има големо религиозно, духовно и политичко значење за голем број луѓе во и надвор од Турција. Исламските групи и побожните муслимани долго време бараа музејот да се претвори во џамија, а тие исто така протестираа молејќи се во непосредна близина, нешто што е против законот донесен во 1934 година со кој се забрануваат верски служби во близина на објектот. 

Ердоган ги искористи ваквите повици минатата година за време на кампањата, нарекувајќи го претворањето на Света Софија во музеј „голема грешка“ и оттогаш побара од неговите соработници да изнајдат начин да го конвертираат објектот повторно во џамија. 

Вселенскиот патријарх Вартоломеј е со седиште во Истанбул. Тој во вторникот предупреди дека конверзијата на музејот ќе разочара милиони христијани ширум светот и ќе направи раздор помеѓу два света.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео исто така предупреди дека секоја промена во статусот на „Света Софија“ ќе ја намали можноста таа да му служи на човештвото како многу потребен мост помеѓу оние со различна вера, традиција и култура.

Но, турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, инсистираше на тоа дека ниту Атина, ниту било кој друг нема одлучувачки збор во одлуката бидејќи објектот се наоѓа на турска територија.

– Тоа што го правиме во нашата земја и со нашиот имот зависи од нас – изјавил тој за турската телевизија 24.