Сараевски таксист исфрлил патничка со аутистично дете

157

Босна и Херцеговина

Објавата на социјалните мрежи на една мајка од Сараево, која ја раскажува случката со таксист што не сакал да ги вози неа и нејзиниот аутистичен син, предизвика остри реакции од граѓаните на Босна и Херцеговина. Здружението „Сараево такси“ испрати јавно извинување поради срамниот потег на еден таксист, кој одлучи од возилото да ги исфрли мајката и нејзиниот аутистичен син, а против него е најавена и дисциплинска постапка.

– „Сараево такси“ им се извинува на Златиборка Попов-Момчиновиќ и на нејзиниот син поради немилата ситуација што се случи. Нашата интерна контрола зеде изјава од возачот и против него ќе биде спроведена дисциплинска постапка. Нашата цел не е само да се изрече казна, туку сакаме да предупредиме на ваквите случаи преку едукација за да не се повторат – пишува во соопштението на оваа такси-компанија.
Мајката на аутистичното дете Златиборка Попов-Момчиновиќ, која е социолог и професорка на универзитетот „Источно Сараево“, јавно предупреди на срамниот чин на еден сараевски таксист, кој ги исфрлил од возилото. Таа по влегување во возилото го информирала таксистот дека нејзиниот син има аутизам, по што следувало и исфрлувањето.

– Таксисту, што ве навреди моето дете, што ви направи. Жалам што неговиот вресок ве вознемири во возењето. Досега не сум доживеала вакво понижување. Нѐ оставивте на улица со детето, на ветер и дожд. Имаше метеж во сообраќајот и вие со право бевте нервозен. Возењето беше прекинато и платено, а веднаш баравте нови патници. Се надевам дека ви се исплатеше – напиша мајката во објавата на социјалните мрежи.