Сараево и Загреб се обвинуваат за „државен“ тероризам

91

Неодамнешната „шпионска афера“, која сериозно ги потресува односите меѓу Хрватска и Босна и Херцеговина, е надвор од фокусот на хрватската медиумска и политичка јавност. Министерот за безбедност на БиХ Драган Мектиќ, јавно ја обвини Хрватска за обидите за политичка и сигурносна дестабилизација со злоупотреба на работата на хрватските разузнавачки и државни институции и фабрикување докази за силно јакнење екстремистички и терористички активности. Сето тоа за поткрепување на изјавите на претседателката на РХ Колинда Грабар-Китаровиќ за загрижувачката бројка за индикативни терористи во БиХ.

Во анализата на „Геополитика њуз“ се споменува и информацијата што беше објавена последните години за тоа дека во БиХ престојувал клучниот планер и оперативен организатор на терористичките напади на САД Калед Шеик Мухамед, кој претходно го планирал и го организирал самоубиствениот терористички напад со автомобил бомба на зградата на полициската управа во Риека, Хрватска. Тој оставил длабока трага во дејствувањето на тогашниот терористички систем, а бил во можност да добива класифицирани документи од врбуваните службеници на сигурносно-безбедносниот систем на БиХ, што беше потврдено и со правосилна судска пресуда. Тогаш беа воспоставени нераскинливите врски меѓу одбран дел од моќниците во бошњачката заедница и оперативните лица во глобалните верско-терористички организации, кои дејствуваат од позициите на салафискиот и вахабискиот радикализам. Во основа однесувањето на министерот Мектиќ претставува обид за политичко-пропаганден чин и замена на тези со што извориштето на терористичките закани лажно се прикажува како жртва на агресија со елементи на „државен тероризам од спротивната (хрватска) страна“. Притоа намерно се занемарува фактот дека бошњачките салафии воспоставиле свои клучни центри во Австрија за што редовно транзитираат низ територијата на РХ, се посочува во текстот на „Геополитика њуз“.

Поради сѐ понеизвесниот среднорочен план за ширење на Европската Унија, безбедносната состојба во регионот, очигледно, ќе се влошува, така што државните функционери треба да избегнуваат какви било обиди за собирање евтини политички поени и да поттикнуваат ниски страсти на национални и верски теми. Освен тоа, Сараево би требало да се откаже од селективна примена на правото, односно да го применува само кога им одговара, а да го игнорира кога не им оди во корист. Како на пример, со одлуката на Уставниот суд на БиХ за изборниот закон, кој е на штета на хрватскиот народ за прашањето за изборот на неговиот претставник во Претседателството на БиХ. Освен тоа, Сараево би требало да знае колку Хрватска, како членка на ЕУ и НАТО, е обврзана да ги спроведува заедничките безбедносни политики и да ги заштитува надворешните граници на ЕУ.

Поради тоа и зачуденоста на Сараево за разузнавачките активности не само на соседните земји туку и на релевантните европски и светски држави на територијата на БиХ кон салафиското движење сигурно нема место. Доколку БиХ искрено сака ваквите активности да престанат самата би морала да се позанимава со овој проблем и да се искорени од темел. Меѓутоа, не може да се верува дека постои искрена политичка волја, затоа и замената на тезите за државен тероризам меѓу БиХ и РХ едноставно не држат вода и тешко е некој сериозен фактор од светот и да поверува во тоа, заклучува „Геополитика њуз“.