Самоопределување изгуби три пратенички места

120

Врховниот суд на Косово одлучи да се прогласат за неважечки над 3.700 коверти со гласови стигнати од Србија за вонредните парламентарни избори одржани во земјата на 6 октомври, со што коалицијата предводена од Социјалдемократската иницијатива (Нисма) доби шест места во новото собрание на Косово.
Членот на косовската Централна изборна комисија Стеван Веселиновиќ, за РТС, изјави дека одлуката на косовскиот Врховен суд е политичка и ги крши законот и изборните права.

– Постои и трета инстанца, а тоа е Уставниот суд, но што се однесува до изборните правила и процедури, одлуката на Врховниот суд е конечна – изјави Веселиновиќ.
Тој посочи на фактот дека процедурата за гласање од централна Србија по пошта не е менувана и е иста како и на претходните избори. Овие гласови биле признавани и пресметувани во конечните резултати за избор на пратеници.
Пресудата нема да влијае на бројот на пратеници од Српската листа, која освои максимални десет пратенички места, но ќе влијае на прераспоредување на мандатите кај албанските партии и на некои ќе им овозможи да влезат во идниот состав на косовскиот парламент.

Највисоката судска инстанца во Косово ги одби сите поплаки на одлуката на Изборниот панел за поплаки и претставки (ПЗАП), кој во понеделникот ѝ наложи на Централната изборна комисија (ЦИК) да ги избрише од конечните резултати гласовите од Србија, како што побара коалицијата на Нисма и Алијансата ново Косово (АКР).

Движењето Самоопределување (ВВ), кое победи на изборите од 6 октомври, наместо 32 пратеници, колку што имаше според конечните резултати што ги објави ЦИК на 7 ноември, сега ќе има 29. Освен ВВ, која изгуби три пратенички места, по еден пратеник ќе изгубат и Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) – 28 наместо првичните 29, Демократската партија на Косово (ПДК) – имаше 25, сега останува со 24, и Алијансата за иднината на Косово (ААК), која наместо 14, сега ќе има 13 пратеници.