САД бараат од Белград и Приштина да покажат далековидост и флексибилност

50

Белград и Приштина мора да покажат далековидост и флексибилност за да дојдат до договор што ќе биде применлив, одржлив и нема да создава нестабилност во ниту една од двете земји или во регионот, порача американскиот Стејт департмент.

Како што јави Гласот на Америка, Стејт департментот наведува дека суштината на договорот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина треба да потекне од двете преговарачки страни.

– Ние ќе продолжиме да ги поддржуваме двете страни и ЕУ како посредник. Косово и Србија мора да дојдат до договор што ќе биде применлив, одржлив и нема да создава нестабилност во ниту една од двете земји или во регионот, За тоа се потребни далековидост и флексибилност од двете страни, наведува Стејт департментот.

Во соопштението натаму се истакнува дека САД ги охрабруваат Белград и Приштина „да преземат одговорност за целиот процес, да запрат со негативната реторика и да работат заедно на конструктивен начин“.

Гласот на Америка потсетува дека последниве денови и од Белград и од Приштина се промовираат идеи за поделба на Косово, за размена на територии или за корекција на границата, како дел од процесот за нормализација на однсите меѓу Србија и Косово.

Дијалогот меѓу Белград и Приштина, чија цел е постигнување обврзувачки договор за нормализација на меѓусебните односи, треба да продолжи во септември.