Руски лекари помагаат во лекување на заразените

1610

СРБИЈА

Два тима руски воени лекари се вклучени во активностите на српското министерство за здравство во справување со заразените од коронавирусот. Руските лекари ќе бидат ангажирани во медицинскиот клинички центар „Д-р Драгиша Мишовиќ“, во главниот град на Србија, Белград, соопштија од Министерството за одбрана на Русија.
Во почетната фаза, руските лекари ја проучуваа организацијата на процесот на лекување и се запознаваа со специфичната работа на српските колеги. Воените експерти спроведуваат сеопфатна дијагноза на пациентите и развиваат и нудат тактики за лекување, кои се засноваат на меѓународните стандарди за медицинска нега.

Во Србија се соочуваат со голем број заболени лица и се прави голем притисок врз медицинскиот персонал, поради што уште пет медицински тимови се испратени во Ќуприја, Нови Пазар, Чачак, Лесковац и Крагуевац, за да се процени епидемиолошката состојба.

Според официјалните податоци, од почетокот на епидемијата со коронавирусот во Србија се регистрирани 2.200 заразени лица. Борбата со вирусот ја изгубија 58 пациенти. Од 868 тестирани здравствени работници, 160 се позитивни.
Едно од новите жаришта е Крушевац, каде што се регистрирани 55 заразени лица. Здравствените власти во Србија донесоа одлука сите заразени да бидат примени во болница, а лекувањето дома се прекинува за сите што имаат симптоми од болеста.