Руската црква во одбрана на Српската патријаршија во ЦГ

288

Светиот синод на Руската православна црква искажа длабока загриженост поради влошување на положбата на Српската патријаршија во Црна Гора, по повод настапите на претседателот на Мило Ѓукановиќ на партиски собир во Никшиќ, кога ја искажа намерата за „обновување на Црногорската автокефална црква“.

– Во Црна Гора дојде до алармантен тренд на зголемување на притисокот од власта врз канонските свештеници и верници. Архијерејскиот сабор на Српската православна црква констатира дека во современа Црна Гора постојат обиди за насилно одземање на црковните имоти во корист на канонско и реално непостојна Црногорска православна црква – се наведува во соопштението на Синодот на Руската црква, кое е пренесено во медиумите во Србија.

Руската црква искажува особена загриженост поради предлог-законот за слобода на религијата на Владата на ЦГ, кој содржи низа дискриминаторски мерки, меѓу другото и на присвојување во државна сопственост на дел од имотот на Српската патријаршија, вклучувајќи и храмови и манастири. Во соопштението на РПЦ се потсетува и на ставот на Архијерејскиот сабор на СПЦ, кој овој закон го окарактеризира како „антиевропски и антицивилзациски“, има цел дискриминација на епархијата на Српската патријаршија на територијата на Црна Гора и претставува директно мешање во внатрешното дејствување на црквата.