Рејтингот на партијата на Ѓукановиќ во голем пад

10

Последните истражувања на јавното мислење во Црна Гора покажуваат пад на рејтингот на владејачката Демократска партија на социјалистите, предводена од Мило Ѓукановиќ, кој е и актуелен претседател на државата.

Довербата кон ДПС е значително намалена, а со надолен тренд е и партијата Демократска Црна Гора, додека значајна поддршка имаат Демократскиот фронт, УРА и другите помали опозициски партии, објави црногорскиот весник „Вијести“, кој ги пренесува резултатите од истражувањето на Центарот за демократија и човекови права (ЦЕДЕМ), направено овој месец.

Рејтингот на ДПС во споредба со декември 2018 година е помал за 7,5 отсто. Оваа партија ја поддржуваат 34 отсто од граѓаните, додека Демократската партија ја подобрила довербата од 14,6 на 20,7 отсто. Демократскиот фронт во споредба со претходното истражување на ЦЕДЕМ има зголемена доверба за 5,5 отсто. За неа би гласале 15,6 отсто од граѓаните на Црна Гора.

Речиси половината од анкетираните граѓани (44,8 отсто) сметаат дека земјата оди во погрешна насока и тие имаат најмала доверба во парламентот на ЦГ, Владата и претседателот на државата.

Разочараноста на граѓаните, како што објаснува директорката на ЦЕДЕМ, Милена Бешиќ, се должи на аферите кои со месеци ја потресуваа Црна Гора и со отсуството на довербата во политичарите кои не се занимаваат со прашањата поврзани со граѓаните и несогласување со измените на некои закони, како што е и Законот за верски заедници.

Во истражувањето не е анализирана и довербата во политичарите, а анкетираните лица можеа да даваат оцени за нивната работа. Така, претседателот на државата, Мило Ѓукановиќ, добил оцена 2,44, Алекса Бечиќ (ДП) 2,31, премиерот Душко Маровиќ 2,25 итн.