Рециклирање на стари погубни концепти за Балканот

244

По изборот на новиот американски претседател Џо Бајден, во српските медиуми се пренесуваат многу изјави и предвидувања на познати политичари и меѓународни институции, кои заговараат брзо решение за косовското прашање, а како „аргумент“ се вади и можното обединување на Албанија и Косово

Старата идеја за обединување меѓу Албанија и Косово повторно влегува во дневниот вокабулар на приштинските политичари пред предвремените парламентарни избори, кои се распишаа по оставката на владата на Авдулах Хоти. Минатата недела проектот за создавање голема албанска држава беше искористен од поранешниот водач на ОВК Рамуш Харадинај, кој отворено порача дека „непризнавањето на Косово од Србија ќе ги одведе во обединување со Албанија“. Од официјалните претставници на Белград ваквите пораки беа примени како „застрашување и уцени“ за Србија, која не отстапува од својот став за непризнавање на Косово. На изјавата на Харадинај се спротивстави и српскиот претседател Александар Вучиќ, кој за домашните медиуми изјави дека годинава Србија ќе биде изложена на сериозни меѓународни притисоци и, како што нагласи, проектот за голема Албанија ќе се искористи за да се изврши притисок за завршување на дијалогот меѓу Белград и Приштина што во суштина ќе значи и заемно признавање на двете држави.
По изборот на новиот американски претседател Џо Бајден, српските медиуми пренесуваат многу изјави и предвидувања на познати политичари и меѓународни институции, кои заговараат брзо решение за косовското прашање. На ова посочува и поранешниот амбасадор во Виена и во Берлин, Милован Божиновиќ, кој во изјава за „Новости“ говори и за настојувањата на дел од Европа за признавање на Косово, а овие навестувања се позасилени по изборот на Бајден.

– Тие нема отворено да ги изнесат своите условувања. Тоа ќе биде спакувано во пријателски совети, со кои ќе се сврти вниманието од „голема Албанија“. Нивните одговори ќе бидат дека не можат да се спротивстават на тоа, што во основа значи дека и не сакаат – изјави Божиновиќ.
По сѐ поизвесната опција за победа на Самоопределување на изборите во февруари, концептот за спојување со Тирана ќе стане и официјална политика, што ќе значи и крај на преговорите со Србија, предупредува Зоран Миливојевиќ, дипломат во пензија.
– Партиите во новата коалициска влада во Приштина ќе ги спои идејата за обединување на Албанија и Косово. Крајно време е да се определиме не само ние туку и факторите што од една страна влијаат и на власта во Приштина, но и на целиот албански фактор на овие простори. Овој проект е закана и за суверенитетот на сите држави на Балканот, постои албански национален корпус – вели Миливојевиќ за „Спутник“.
Европската Унија со задоцнување се огради од идеите за формирање нови државни сојузи на Балканот, откако претставници на српската влада побараа осуда на изјавите на Рамуш Харадинај. Но во меѓувреме беше објавен и извештај од Меѓународната кризна група (меѓународна невладина иницијатива за решавање судири), која прави анализа на досегашните преговори за надминување на српско-косовскиот спор. Во истиот извештај се даваат и три можни сценарија Што би се нашле на преговарачката маса, а кои се однесуваат на: меѓусебно признавање во замена за брза евроинтеграција, формирање автономни области во двете држави и размена на територии. Притоа се сугерираат и можни чекори на Вашингтон и на Брисел за ублажување на ризикот од неуспех на дијалогот.

Експертот за Балканот и еден од авторите на извештајот, Марко Прелец, смета дека се потребни големи промени за да се придвижи дијалогот кон заеднички позитивен однос заснован на заемно признавање.
– Сакаме да видиме една јасна цел, која е поголема од признавање, но тоа мора да биде вклучено. И повеќе од тоа, да се понуди рамка за двете држави за позитивно да се однесуваат една кон друга или да престанат да се блокираат и да се фрустрираат меѓусебно со своите постапки. Второ, Косово мора да ја реши својата внатрешна политичка состојба, односно потребни им се влада и претседател, а потоа и преговарачка стратегија – вели Прелец, за Радио Слободна Европа.
Според него, има три главни можности за решавање на повеќедеценискиот спор на Балканот. Првата е да се натера Србија да го признае Косово, а Приштина да не направи важни отстапувања, со нудење на Белград финансиска помош и забрзан пат кон европските интеграции. Ова е со помал ризик, но е тешко изводливо поради ставот на некои земји во ЕУ за проширување на Унијата, но и поради нејасниот став на Србија за овој вид „трговија“.
Втората опција или препорака е двете страни да ги прошират автономиите на правата на своите малцинства (на косовските Срби и Албанците од Прешевската Долина). За ова се предлагаат различни европски модели. И третата опција, објаснува Прелец, е Србија и Косово да извршат размена на територии, но ова може да ги поттикне ризиците, како во двете земји така и во регионот, од поголема политичка дестабилизација.