Реконструирана грчката Влада

701

Промени на министерски функции, на заменички позиции и алтернативни министри, рокади, влез во Владата на поранешни членови на Нова демократија и ПАСОК, нови личности, но и непроменети министри, содржи новиот, реконструиран состав на грчката Влада објавен попладнево од владиниот портпарол Димитрис Ѕанакопулос.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, реконструираната грчка Влада, освен премиерот Алексис Ципрас, има 52 члена, 39 мажи и 13 жени, но и 13 нови имиња. Сепак нема промени во главните министерства – за надворешни работи, за одбрана, за финансии, за труд и социјала, за туризам, транспорт и врски, миграциска политика.

Во Министерството за надворешни работи останува Никос Коѕијас, како и алтернативниот министер задолжен за европски прашања, Јоргос Катругалос и заменик министерот за дијаспората Теренс Спенсер Куик, додека пак на местото на Јанис Аманатидис, задолжен за религиозни прашања ќе биде Маркос Боларис.
Коалицискиот партнер во Владата и лидер на „Независни Грци“, Панос Каменос и понатаму останува министер за одбрана, а на позицијата алтернативен министер доаѓа Панајотис Ригас кој до вчера беше секретар на СИРИЗА. Заменичка на Каменос ќе му биде неговата сопартијка, досегашната заменичка министерка задолжена за Македонија и Тракија, Марија Коља Царуха.

На нејзино место доаѓа Катерина Нотопулу, која беше одговорна за канцеларијата на премиерот во Солун.

Промени има во Министерството за внатрешни работи каде на местото на Панос Скурлетис, кој вчера беше избран за секретар на СИРИЗА, е поставен алтернативниот министер за економија, Александрос Харицис.

По оставката на Никос Тоскас, поради катастрофалните пожари, Министерството за цивилна заштита првпат досега ќе го води жена. Олга Геровасили е новата министерка, додека пак нејзина заменичка е Катерина Папакоста, која до октомври минатата година беше член на Нова демократија.

Поранешната министерка за здравство и алтернативна министерка за надворешни работи во владите на ПАСОК, Марилиза Ксенојанакопулу, сега влегува во коалициската влада на СИРИЗА и „Независни Грци“ како министерка за административна реконструкција.

Фотис Кувелис, поранешниот лидер на Демократска левица, од алтернативен министер за одбрана сега е министер за поморство.

Неофицијално, свечената заклетва на новите членови на владиниот кабинет на Ципрас ќе се одржи утре.