Регионот во недостиг од медицински персонал поради вирусот

116
Болниците се полнат со пациенти додека докторите се преморени по шестмесечната битка со коронавирусот

Најсериозна е ситуацијата со недостиг од доктори и медицински персонал во Хрватска, но и во Словенија и во БиХ, каде што заразата се шири со галопирачки размери. Земјите од регионот воведуваат полициски час и рестрикции, а во болниците се бара место повеќе за инфицираните

Пламна коронавирусот на Балканот

Ниските температури, а со тоа и почестите престои во затворени простории, но и организирањето масовни собири, протести и непочитувањето на правилата за носење маски и одржување растојание, го зголемуваат бројот на случаи на дневно ниво насекаде во соседството. Како резултат на овие работи, државите во опкружувањето се соочуваат со недостиг од медицински персонал, но и клинички услови за справување со пандемијата, па повеќе земји од регионот деновиве се решаваат за ангажирање на веќе пензионираните доктори, но и инволвирање на студентите по медицина за давање помош за справување со пандемијата. Како една од најпогодените земји во моментов од новиот бран на инфлуенцата во регионот е Хрватска, која само во изминатото деноноќие регистрира 1.413 новоинфицирани од ковид-19 и рекордни 18 смртни случаи. Претседателот на лекарската комора на Хрватска, Крешимир Луетиќ, изјави дека ситуацијата со коронавирусот во земјата е сериозна и дека државата ќе тргне да ги мобилизира пензионираните доктори.
– Пензионираните лекари би требало да работат со другите пациенти, не со заразените со ковид-19. Тие нема да бидат во „првите борбени редови“ затоа што се во ризична група, но треба да ги заменат лекарите, кои поради самоизолација испаѓаат од системот, и да работат со нековид-пациенти, тоа е неопходно – изјави Луетиќ за „Дневник ХР“.

Во меѓувреме, Словенија и Босна и Херцеговина се „рекордери“ според бројот на позитивни случаи на коронавирусот за 24 часа. Поради полицискиот час, кој стапи во сила неодамна, главниот град на Словенија, Љубљана, се претвори во град на духови. Од 21 часот до 6 наутро нема движење во повеќе општини во земјата. Ова ограничување на движењето на граѓаните е забележано првпат во историјата на независна Словенија. Во последните 24 часа во Словенија се регистрирани 1.499 новозаразени со коронавирус. Бројот на активни случаи во земјата се искачи на 25.579.
– Можам да кажам дека улиците во Љубљана изгледаа како град на духови, никаде немаше никого, па дури ниту оние што ги шетаат своите миленици. Во Марибор имаше стотина луѓе што протестираа, но дојде полиција, па се разотидоа. Имаше и здравствен инспектор што им напиша казни. Во Љубљана имаше многу полициски патроли. Последен пат полициски час имавме во 1943 година – изјави словенечката новинарка Јелена Ашчиќ за ХРТ.

Во болниците низ земјата се лекуваат повеќе од 400 лица, од кои 59 се на интензивна нега. Премиерот Јанез Јанша неодамна објави дека Словенија веќе има над 1.500 новоинфицирани лица во последните 24 часа и ги повика луѓето да бидат сериозни. Владиниот портпарол Јелко Кацин ги повика граѓаните да останат во своите домови.
– Навистина, останете дома ако можете. Многумина од нас треба да одат на работа, особено денеска. Грижете се за себе и повикајте ги оние на кои им е потребна помош. Не се малку – изјави Кацин.
Слично на Словенија највисок дневен биланс регистрира и Босна и Херцеговина со 922 новозаразени и 14 жртви од ковид-19.
Рекорден број на новозаразени има и во Србија. Според последните информации, во Србија се забележани 757 нови случаи на ковид-19, а починати се три лица. Стапката на смртност во Србија изнесува 2,10 отсто. Претходниот рекорд во Србија е забележан на 26 јули кога се забележани 467 заразени.

Бугарија регистрира над 2.243 позитивни случаи. Рекордно високи бројки бележат и Австрија, Полска, Словачка и Чешка, а Украина го регистрира најцрниот ден по бројот на починати со 140 смртни случаи. Чешка со околу 12 илјади нови случаи бележи највисок дневен биланс од почетокот на епидемијата, а во еден ден починаа 106 лица. Во светот со коронавирус се заразени над 42 милион луѓе, а се починати околу еден милион и 300 илјади. Во својот последен извештај, СЗО наведува дека бројот на нови случаи е зголемен за 25 проценти во последната недела, односно дека новите случаи во Европа сочинуваат 38 проценти од сите нови случаи пријавени низ светот.