Рама се фати за метла во албанската дипломатска мрежа

68

Албанија

Повеќе од 50 албански дипломати ќе бидат повлечени, додека 80 отсто од албанските конзулати во светот ќе бидат реструктурирани. Оваа реформа во албанската дипломатија, според овластениот министер за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Гент Цакај, е поради фактот што „присуството на дипломатската служба бара коректно и професионално однесување“.

– Албанија не заслужува ништо помалку од меритократија, професионализам во работата и квалитетна дипломатска служба. Врз ова основно начело, соопштувам дека 80 отсто од конзулатите на Албанија во светот нема да бидат исти. Тие мора да се сменат од корен поради структурни причини и потребата за зголемување на услугите. Тие мора да се сменат во структурата бидејќи приливот на барања на албанските граѓани веќе не може да се соочуваат ниту со мрзливи лица, ниту со инерција на дневна рутина или високо ниво на институционална ароганција – изјави Цакај.

Тој нагласи дека на следната седница на Владата повеќе од 50 отсто од дипломатските пасоши ќе бидат прогласени за неважечки и додаде дека Министерството донело одлука повеќе од 20 почесни конзулати на Албанија во светот да бидат затворени.