Рама задоволен од присебноста на албанската полиција

72

Европската Унија и САД оценија дека Владата е легитимна и ја повикаа опозицијата да се врати во парламентот и да учествува на локалните избори на 30 јуни

Албанскиот премиер Еди Рама го осуди однесувањето на демонстрантите што учествуваа во насилните судири, во главниот град Тирана, во саботата. Според него, главната одговорност за насилствата ја имаа организаторите на протестите, односно опозицијата. По протестите беа уапсени најмалку 50 лица за напади врз полицијата и јавните згради.

На прес-конференцијата во неделата, Рама ги поддржа акциите на полицијата за време на, како што рече, седумчасовните напади од страна на учесниците на протестот.

Тој притоа, ја критикуваше, како што рече „хистеријата на организаторите на насилните демонстрации“, како и тоа како некои медиуми ги третираа инцидентите на протестите.
– За време на оваа серија протести уверен сум дека државната полиција, како и вчера, кога протестот јасно се претвори во брутална и продолжена демонстрација на насилство, покажа прекрасен професионализам, прекрасна самоконтрола и прекрасна смиреност – изјави Рама.

Опозициските партии протестираат веќе три месеци, обвинувајќи ја Владата за измама на парламентарните избори во 2017 година.
Лидерот на најголемата опозициска Демократска партија, Љуљзим Баша, вели дека Еди Рама е пречка на албанскиот пат кон Европа.
Европската Унија и САД оценија дека Владата е легитимна и ја повикаа опозицијата да се врати во парламентот и да учествува на локалните избори на 30 јуни.
Изминативе три месеци во Албанија секојдневно избувнуваат протести со кои граѓаните го повикуваат премиерот Еди Рама да се повлече од неговата наводна вмешаност во корупција и изборна измама. Демонстрантите бараат предвремени избори.

„Сакаме европска Албанија“ е слоганот што често може да се слушне на протестите, но тој доаѓа уште од времето на продемократските демонстрации кога балканската земја го разурна комунизмот во 1990 година.
Лидерот на опозицијата, Љуљзим Баша, ги повика своите поддржувачи да не престанат со протестите додека Рама не се откаже од власта. Баша рече дека се „решени да продолжат со поголема и поцврста битка сѐ додека Владата ја држи Албанија одвоена од Европа“.