Рама: Визите нема да бидат вратени

79

Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека и покрај одлуката на холандскиот Парламент за укинување на безвизниот режим за Албанија, нема да бидат вратени визите за патување на албанските граѓани во земјите од Шенген зоната.

Изразувајќи уверување дека Европската Унија нема да дозволи тоа да се случи, Рама истакна дека одлуката на холандскиот Парламент е „дел од домашната политичка борба во Холандија“ и е последица на антимигрантската политика и противењето на проширувањето на ЕУ.

– Албанците беа избрани од неколку партии во таа земја како центар за агресивна изолациска реторика во однос со случувањата надвор од границите на Холандија. Тоа е обична и чисто политичка одлука, во изборен процес во една земја, како Холандија. Внатрешна игра со внатрешна динамика, која подготви одлука за внатрешни интереси и која на ниту еден начин не влијае на слободно движење на албанските граѓани. Нула!, порача Рама од собраниската говорница, во својата прва реакција во врска со одлуката на холандскиот Парламент.

За оние кои, како што рече, „тријат раце“ за оваа одлука, Рама оцени дека „поставиле апсурден и навредлив празник во дворот на опозицијата“.

Тој ја повтори пораката до опозицијата да заборават на политичка ротација вон избори.

– Владата нема што да им прави. Ова е најмалку. Тие нема што да прават, не можат да ја сменат Владата со димни бомби и со пеење на националната химна. Не може ништо да сменат. Тие не можат да ја сменат Владата со закани, уцени, попречување и блокирање. Не можат да го сменат мнозинството во овој Парламент, тоа е невозможно. Дури и ако успеат да влезат тука, па дури и овде да пеат патриотски песни, тие не може да сменат ништо, рече Рама.

Тој упати апел до новата парламентарна опозиција да ги поддржи изборните реформи и законот против клевета, посочувајќи дека е подготвен да разговара и со „опозицијата на улица“.