Разединетост на македонската заедница во Србија

217

Иако има три политички партии во Србија со предзнак македонски, ниту една досега нема искажано друга суштинската цел, освен како да дојдe до буџетот на Советот, стои во соопштението на Националниот совет на македонското национално малцинство, институција што функционира и дејствува повеќе од 15 години во Република Србија, како реакција на изјавите на Горан Илијевски, претседател на Партијата на Македонците во Србија, со кои искажува незадоволство од работата на советот на македонското малцинство.

– Неколку пати досега Националниот совет на Македонците мораше јавно да реагира на изнесување невистини, а пред сѐ незнаење, неинформираност и несериозност на одредени поединци, кои со своето дејствување се обидуваа да ги нарушат неговиот и угледот на македонската заедница во Србија. Не случајно, секојпат во тек на предизборна кампања, кога одредени поединци, сакајќи поскапо да се продадат на политичкиот пазар, се легитимираат како претставници на македонската заедница во Србија – се наведува во соопштението на НСМ.

Од Националниот совет ги негираат наводите за финансиски злоупотреби и се повикуваат на извештаите за редовните ревизорски контроли, во кои нема утврдено ненаменско трошење на средствата во Националниот совет на Македонците.
– Постојаното занимавање со нарушување на угледот на македонската заедница во Србија, на нејзините институции и поединци, кои со години успешно работат на остварувањето на правата на своите припадници, само говори во прилог дека целта на поединците од Скопје или Демократската партија на Македонците, е обид да си ја кренат цената на политичкиот пазар во предизборната кампања во Србија – се вели во соопштението на Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија.

– Дали се изразува грижа за зачувување на македонскиот јазик, со тоа што се дозволува наставата да ја водат лица што не го владеат доволно добро македонскиот јазик? Ова раководство дозволи партизација на Националниот совет, кој е контролиран од власта. Во врска со финансиското работење, сите ревизии се правени од приватна ревизорска фирма, а не од официјална државна институција. Разочарувачки е што сегашното раководство, последните години, не организираше достојна прослава на македонскиот национален празник Илинден, а бројот на лицата што се изјаснуваат како Македонци сѐ повеќе се намалува во Србија – ни изјави Горан Илијевски, претседател на Партијата на Македонците во Србија.
Меѓусебните обвинувања во македонската заедница во Србија стануваат сѐ пофреквентни и пожестоки во пресрет на изборите во Србија.

Едно е очигледно, синдромот на разединетост на македонскиот супстрат во соседството си го зема данокот на штета на македонското малцинство и квалитетот на задграничното живеење на Македонците. Сепак, се поставува и прашањето дали негрижата за нашинците од страна на матичната држава одигра клучна улога во феноменот на разединетоста на Македонците во соседството?