Путин: Србија е наш стратегиски партнер на Балканот

155

На Балканот имаме многу пријатели, но Србија е наш стратегиски партнер. Го почитуваме курсот за пристапување во ЕУ што го избра српското раководство. За разлика од западните партнери, ние не се обидуваме да ја ставиме Србија пред вештачки избор: или сте за Русија, или сте со Европската Унија, изјави рускиот претседател Владимир Путин во интервју за „Политика“, во пресрет на денешната посета на Белград, каде што ќе оствари средба со српскиот претседател Александар Вучиќ.

– Интеграциските процеси во нашиот глобален свет се развиваат динамично, опфаќајќи нови земји и здруженија, создавајќи перспективна конфигурација. Затоа сме убедени дека тежнението на Србија кон европската интеграција, како и членството на Русија во Евроазиската економска унија, не е пречка за унапредување на нашата разновидна соработка. Основата на добрите односи меѓу Русија и Србија е многувековното искрено пријателство на нашите народи, духовното и културното сродство, заедничките страници на историјата, вклучувајќи ја и херојската борба против нацизмот во текот на Втората светска војна. Денес билатералните врски во сите сфери се во нагорна линија – изјави Путин.

На прашањето на „Вечерње новости“ да ги коментира изјавите на западните политичари дека Русија е дестабилизирачки фактор на Балканот, поради интензивната соработка на Русија со Србија и Република Српска, Путин одговара дека сериозен дестабилизирачки фактор на Балканот претставува политиката на САД и одредени западни земји, кои се насочени за зацврстување на нивната доминација во регионот.
– Нашата земја, знаејќи колку е комплициран Балканот и историјата на овој регион, секогаш го сметала за простор за конструктивна соработка. И денес Русија овде има многу пријатели, меѓу кои посебно место зазема стратегискиот партнер Србија. Јакнењето на регионалната безбедност и стабилност е наш безусловен приоритет. Се залагаме за тоа да се почитуваат правата и интересите на балканските земји и народи, да се почитува меѓународното право. Во 2017 година, наспроти ставот на половина население, во НАТО беше вовлечена Црна Гора. Минатата година поради форсирано зачленување во НАТО, во Република Македонија беше поведен процес за донесување уставни амандмани и промена на називот на таа држава, со ревизија на основата на македонскиот национален идентитет. Притоа е игнорирана волјата на македонските гласачи – референдумот за промена на називот на државата пропадна, но надворешниот притисок продолжи – изјави Владимир Путин.

Рускиот претседател Владимир Путин ќе ја оствари 14-та средба со српскиот претседател Александар Вучиќ, од кои во Белград ова ќе биде нивна втора меѓусебна средба. Белград се подготвува за оваа, како што е најавена, историска посета со строги мерки на безбедност, со околу 7.000 припадници на сите безбедносни служби и околу 250 руски специјалци и три српски „мига“ што ќе се грижат за нивната безбедност.

На граѓаните на Нов Белград им е препорачано да не излегуваат на терасите на своите домови и да ги тргнат автомобилите, ќе биде изменет режимот на сообраќајот во одредени делови на Белград. Секое движење по трасата по која ќе се движи Путин и која сѐ уште е државна тајна, ќе биде забрането, како и објектите што тој ќе ги посети, заварени се шахтите, а ќе бидат распоредени и повеќе снајперисти.
Рускиот претседател ќе се вози низ белградските улици со својот „бункер“ на тркала „аурус“, еден од најзаштитените и најбезбедни автомобили во светот, специјално доведен од Москва за оваа посета.

Руските разузнавачи се веќе во Белград, со технологија за спречување напади со дрон, а најголемото обезбедување ќе биде кај храмот „Св. Сава“, каде што се очекува обраќање на рускиот претседател, каде што, покрај српскиот патријарх Иринеј, најавено е и присуството на десетици илјади граѓани и поддржувачи на Путиновата политика.

Како што најави српскиот претседател Александар Вучиќ, со Русија ќе бидат потпишани 21 договор, вредни повеќе стотици милиони евра, на полето на инфраструктурата, железниците, земјоделството, иновациите, образованието, дигитализацијата, реновирањето на хидроцентралата „Ѓердап 2“ и др.

Во поглед на енергетиката, се очекува да стане збор за приклучување на Србија на гасоводот Турски тек, а во поглед на воената соработка испораката на тенковите „Т-72“ и противвоздушните системи. Централна тема на средбата, секако, ќе бидат Косово и поддршката што ѝ ја дава Русија на Србија, можното вклучување на Русија во косовскиот дијалог и воено-политичката неутралност на Србија во поглед на НАТО.