Проширувањето (о)стана ветување

192

Во текстот од завршната декларација на самитот на ЕУ во Загреб воопшто не се споменуваат изразите „проширување“, „членство“, „интеграција“, за ниедна од поединечните држави од Западен Балкан

Видеоконференцијата на самитот на Европската Унија и лидерите на земјите од Западен Балкан заврши без големи и историски заклучоци, што ќе го промени досегашниот тек на процесот за проширување на европската заедница. Како што беше најавувано, на конференцијата уште еднаш беше потврдена европската перспектива на балканските земји, а, од другата страна, повторен ставот дека европскиот проект е нивни стратегиски избор.

Во текстот од завршната декларација воопшто не се споменуваат изразите „проширување“, „членство“, „интеграција“, за ниедна од поединечните држави од Западен Балкан. Во овој момент она што им се нуди на земјите од регионов е солидарност во борбата против ковид-19, со засилен политички и економски ангажман (најавена финансиска помош од над три милијарди евра), но условено со спроведување ефикасни реформи во балканските земји.

Од европските функционери беа искажани добро познатите декларирани заложби за европската перспектива на регионот. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, говореше дека „Западен Балкан е апсолутен приоритет за ЕУ и ЕК“, додека за германската канцеларка Ангела Меркел „проширувањето е геополитички интерес на Унијата“.
Реакциите на лидерите од земјите од Западен Балкан, по одржувањето на самитот на ЕУ, кој се одржа во организација на Хрватска, се доста воздржани. Поексплицитен беше претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој гласно порача дека е потребно помалку да се зборува за перспективи, а повеќе за процесот на проширување.

Тој повтори дека Србија сака да биде во ЕУ, но за тоа бара и конкретен одговор.
– На самитот беа доминантни три теми – економското заздравување, процесот на реформи и поддршката за преговорите меѓу Белград и Приштина, со посредство на европскиот претставник Мирослав Лајчак. Ние сме благодарни на економската поддршка, но баравме повеќе грантови отколку заеми – изјави Вучиќ.
„Ал џезира“ во текстот под наслов „Виртуелен самит: приврзаноста кон Унијата поважна од членството“ од Зекиријах Смајиќ пишува дека лидерите на земјите-членки не криеле дека проширувањето на ЕУ или евентуалното членство во блиска иднина се ставени на чекање. Највисоките државни претставници од Босна и Херцеговина искажаа позитивни оцени за исходот на загрепскиот самит што се однесува на тоа дека ЕУ нема да биде комплетна без Западен Балкан.

Српскиот претставник од БиХ, Милорад Додик, го истакна постигнатото единство во пандемиската криза, но со умерено разочарување од тоа што отсуствува недвосмислената поддршка за европската поддршка во завршниот документ.
Пораката на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ е дека не смее да се остави Балканот на трети страни, затоа што тој е живо европско ткиво.
– Неопходно е Европа да ја зачува вредноста на западната демократија, либералното општество, слободата и човековите права, пазарната економија со функционалните држави. Нашите држави мора да бидат отпорни кон понудите што ги поткопуваат европските вредности – нагласи Ѓукановиќ.

Урсула фон дер Лајен, во врска со Албанија и Македонија, рече дека нема да се брза со пристапниот процес со двете земји што пред два месеца добија одлука за почнување на преговорите за пристапување кон ЕУ, без да се одреди официјалниот датум.
– Процесот е доста сложен и има многу теми што треба да се дискутираат во поглавјата за преговори, а забрзувањето на процесот не би било најдобриот начин – рече Фон дер Лајен.