Промовирана новата жандармерија во РС

93

Министерството за внатрешни работи на Република Српска вчера, со свечено постројување што се случи во Центарот за обука во близината на Бања Лука, ја промовира единицата на жандармеријата, објави БХРТ.

Формирањето на жандармеријата е во рамките на реорганизацијата на интервентните сили на МВР заради побрз и поефикасен одговор на сите безбедносни предизвици со кои се соочува РС, меѓу кои и големиот број илегални мигранти.

Процесот на формирање на единицата на жандармеријата од почетокот беше во фокусот на јавноста во Босна и Херцеговина, но и на странските дипломати во земјата. Оваа идеја наиде на остри критики од другите функционери во Федерацијата на БиХ, кои најавија основање сличен состав и на ниво на федерацијата.

Членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, на промовирањето на новата единица рече дека во скоро време очекува и формирање резервен состав на полицијата.

– Оваа единица е мобилна, а не стационарна. Развиваме современи полициски сили по примерот на Западот. Ова на луѓето им внесува чувство на безбедност и тоа е најважно за нас – изјави Додик.