Пролеана крв во нападот врз медиумите и демократијата во Атина

171
Костис Даданис одбил да им го даде фотоапаратот на напаѓачите

Фоторепортерот Костис Даданис беше посериозно повреден на протестот во Атина, откако група луѓе го клоцале и нападнале со метален предмет, нанесувајќи му повреди на главата по што бил пренесен во болница, објавуваат грчките медиуми. Напаѓачите, исто така, ја украле неговата опрема.

– Викаа да им го дадам фотоапаратот. Јас не го сторив тоа, по што почнаа да ме тепаат. Беа двајца или тројца, но потоа се собраа уште луѓе. Ми ја украдоа опремата – вели Даданис.

Фоторепортерите кои го покриваа протестот имаат одредени сознанија за напаѓачите.

– Ова е намерен напад врз нашиот колега, изведен од страна на луѓе во црна облека. Фоторепортерите постојано се цел на напади. Имаме сознанија за луѓето кои го извршија овој криминален чин – истакна фоторепортерот Александрос Стаматиу.

Пријавен е и напад врз телевизиска екипа на грчката национална телевизија ЕРТ, која известувала од протестот.

– Се случи насилен напад врз екипа на ЕРТ што резултираше со сериозно оштетување на камера. ЕРТ категорично го осудува насилството, кое е напад врз демократијата и врз слободата на печатот. Вработените во ЕРТ не се исплашени. Напротив овој инцидент ја засилува нивната решителност да достават кредибилни информации до грчкиот народ – се наведува во соопштението на грчката национална телевизија.

Најмалку 40 лица од кои 25 полицајци, беа повредени на вчерашниот протест на атинскиот плоштад Синтагма пред грчкиот парламент, против Преспанскиот договор.