Проект кој овозможува обука на млади жени пчеларки

58

Кон крајот на август се одржа последната практична работилница за органско пчеларство од предвидените 10 во проектот „Инкубатор за органско пчеларство- Витач“ кој се спроведува во рамките на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан (РеЛОаД), која е финансирана од Европската Унија.

Проектот го спроведува невладината организација „Биовита“ од Кавадарци, чија цел е обука на млади пчеларки и пчелари за органско пчеларење со вклучување на поголем број жени пчеларки кои ќе имаат можност за формирање сопстевни органски пчеларници во руралните делови на Тиквешијата. Воедно проектот овозможува зголемување на влијанието кон заживување на руралните предели, а преку примена на органските приниципи на пчеларење и воопшто земјоделието се заштитува животната средина и зачувува биодиверзитетот.

Во проектот „Инкубатор за органско пчеларство Витач“ учество зедоа 11 млади жени и 4 млади лица.

Џулиета Аскова асистент – координатор на проектот вели дека учесниците во проектот присуствувале и на 5-те теоретски работилници за кои беше задолжен експертот – истржувач и поддржувач на македноската раса пчели, „апис мелифера македоника“, Мирољуб Голубовски од Куманово. Преку десетте практични работилници, тие ги усвоиле основните вештини за пчеларење, и пројавиле видна заинтересираност. Во делот на добрата пчеларска пракса работилниците ги водеше Бранко Соколов, експерт пчелар од Скопје, додека за органското пчеларење, работилниците ги реализирале Горан Колев, експерт во областа на органското пчеларство во нашата држава. Интересно е да се напомене дека на сите работилници освен целната група беше регистрирано присуство од други пчелари и заинтереирани лица кои сакаа да слушнат нешто повеќе, да научат нешто ново за пчеларењето, изјави Аскова и додаде дека следна активност е посета на пчеларник во селото Клиново каде сопственикот ќе има презентација на своето децениско искуство во органското пчеларење.

-Сакам да станам пчеларка за да докажам дека и жените можат да бидат пчеларки и тоа многу добри. Мислам дека во пчеларењето е вклучено целото семејство и тоа е дејност која не може да и се отстапи на индивидуална единка, само на еден член од семејството – вели Верица Трајкова.

Мотивот на Марија Ѓорчева, козметичарка по професија и воедно најмладиот учесник во проектот, е да го победи стравот од пчелите. Со сето ова што го научив досега успеав да го победам стравот и подготвена сум да се занимавам со пчеларење. Сега знам како да пристапам во пчеларникот и тоа без опрема, знам да препознаам легло, матицата да ја пронајдам во пчелното семејство, да го препознаам звукот што се слуша во пчеларникот дали има проблем во пчелното семејство, дали матицата е во кондиција и како се подготвува семејството за зазимување – вели Ѓорчева.

Триесетгодишната Златка Милкова, мајка на три малолетни деца се пријавила во проектот бидејќи сакала да влезе во процесот на сертифицирање за органско пчеларење. Таа има искуство во пчеларењето меѓутоа смета дека иднината е во органското пчеларење и сега е моментот кога треба од конвенционално да премине во органско пчеларење.

Слични се мотивите и на Илија Богојчевски кој и покрај своето искуство смета дека секогаш може да се научи нешто ново за пчеларењето. Учеството во проектот му овозможило да научи многу нови работи за органското пчеларење како употребата на рамки градилник како начин за борба против болеста крлеж, но најмногу за производство на матици.

Билјана Христова на работилниците за првпат се сретна со пчеларењето. Нејзина желба била да се обиде да се занимава со пчеларење и сега е уверена дека ќе може тоа да го работи. Смета дека медот и другите производи од пчелите треба да бидат дел од нашето секојдневие, а особено органското пчеларење има голема перспектива.

Со целосното завршување на проектот во кој има 15 учесници, 13 од нив ќе добијат основна пчеларска опрема и со пчелните семејства кои ќе ги добијат ќе можат да отпочнат со пчеларење. Единаесет од учесниците во проектот наредната среда на 11 септември ќе добијат сертификат за органско пчеларење и наш мориторинг наредните две години – вели Цветанка Колева од „Биовита“ , координатор на проектот.

Мирјана Мукаетова