Приштина тајно се вооружува!

1527
Москва со реакција за американското вооружување на Приштина

КОСОВО

Минатата недела за потребите за новоформираната војска на Косово е испорачан вториот контингент на оклопни возила од САД, а наедно приштинските власти водат разговори со Германија за набавка на топови и противоклопни ракетни системи и современо пешадиско оружје

Додека меѓународната заедница прави засилени напори за одржување и за продолжување на политичкиот дијалог меѓу Белград и Приштина, со посредство на Европската Унија, во изминатиот период косовските власти водат и интензивни преговори за набавка на воена опрема и оружје за новоформираната војска на Косово. Пристигнувањето на вториот дел од контингентот на оклопни возила од САД, неделава, го потврди и командантот на Косовските безбедносни сили, Рахман Рама, кој рече дека оваа испорака е поврзана со договорот што беше постигнат минатата година. За содржината на контингентот на новото оружје рече дека е тајна, но најави и реализирање на други договори со САД, пишува „Србија данас“.

– Во согласност со нашите потреби, ќе продолжиме да купуваме и во иднина. Договорите што ги имаме со САД се однесуваат на системи за вооружување и тактички возила. Парите се обезбедени од буџетот на Косово – вели Рама.
Последната испорака од САД се состои од оклопните возила од типот „хамвеј“. Лани Косово доби како донација 27 идентични возила од САД, а пред две години беа купени 24 возила, објави „Косов.онлајн“.

Паралелно со воените набавки од САД, приштинските власти водат разговори со Германија за набавка на топови и противоклопни ракетни системи. Во фокусот на косовската војска ѝ е дополнување на лесното артилериско оружје и современо пешадиско вооружување, за што веќе и се направи претходна модернизација на војската на Косово.

Русија со жалење и со загриженост ги следи информациите за американската испорака на оружје и воена техника на властите во Приштина, пишува во соопштението на руската амбасада во Србија, во кое се изнесени ставовите на заменик-портпаролот на Министерството за надворешни работи на Русија, Алексеј Зајцев.
– САД отворено го прават тоа, на штета на меѓународните напори што се насочени на обезбедување мир и стабилност на Балканот, а поради тоа не се компатибилни со милитаризација на самопрогласената Република Косово – изјавил Зајцев на брифингот на МНР на Русија, пренесува „Спутник“.

Зајцев посочил на замислите на Вашингтон да им се помогне на косовските Албанци да формираат сопствена војска, но предупредил дека со тоа грубо се кршат одредбите од Резолуцијата 1244 на Советот на безбедност на ОН, кои предвидуваат демонтажа на какви било милитаризирани формации на косовските Албанци, со овозможување присуство исклучиво на меѓународниот мировен контингент.

Медиумите пред неколку дена пишуваа за тајниот договор меѓу Вашингтон и Приштина, со кој во Косово е пристигнат контингент на оклопни возила.
Неделава во Брисел продолжија преговорите меѓу Белград и Приштина, на кои се разговараше за технички прашања. Шефот на експертската делегација на Косово во дијалогот со Србија, Скендер Хисени, изјави дека нема да има договор со Белград доколку „меѓусебното признавање“ не биде конечниот исход на дијалогот. Марко Ѓуриќ, шефот на делегацијата на Србија во техничкиот дијалог на Белград и Приштина во Брисел, по денешната рунда разговори порача дека со Србија не се разговара „со јазик на ултиматуми“.

– Нема ултиматум. Оној што ќе се обиде такво нешто ќе добие јасна порака од шефот на српската држава, српската влада и српскиот народ, но секогаш сме подготвени да разговараме за нормални односи – изјави тој.
Ѓуриќ ги отфрли тврдењата дека конечниот договор ќе опфати меѓусебно признавање.