Приштина забрани пристап за српски политичари

62

Одлуката на Приштина да им забрани влез на српските државни лица во Косово е потег без преседан, изјави Ивица Дачиќ, потпретседател на Владата на Србија и шеф на српската дипломатија.

Тој додаде дека оваа одлука е уште една шлаканица, пред сѐ, за Европската Унија и за меѓународната заедница, која молчи на кршењето на сите цивилизациски норми, а тоа со години се применува од Рамуш Харадинај и од Хашим Тачи.
Косовското министерство за надворешни работи донесе одлука да им забрани влез на Косово на сите српски официјални лица.

Јетлир Зуберај, советник на министерот за надворешни работи на Косово, Беџет Пацоли, на Фејсбук напиша дека Министерството за надворешни работи донело таква одлука поради заканите и нападите на Север, како и други проблеми.

– Поради српските хибридни закани кон Косово, постојаната пропаганда и лажни вести за земјата и нашите граѓани, како и неодамнешните напори за спречување на т.н. хуманитарна криза во северниот дел на Косово…Министерството за надворешни работи нема да дозволи ниту еден белградски официјален претставник да го посети Косово и сите барања ќе бидат одбиени додека тоа однесување продолжува – напиша Зиберај.