Префрлањето на косовското прашање во светиот град го подгрева израелско-палестинскиот спор

520

Најавата за преместувањето на амбасадата на Србија во Израел од Тел Авив во Ерусалим, во рамки на договорот за нормализирање на економските односи помеѓу Србија и Косово потпишан во Белата куќа мината недела, не наиде на одобрување од Европската Унија, како ниту меѓу Палестинците, со што би можела да предизвика дополнителни тензии во осетливиот израелско-палестински конфликт.

Европската Унија изрази „сериозна загриженост и жалење“ поради обврзувањето на Србија да ја премести амбасадата во Израел од Тел Авив во Ерусалим. Косово исто така се обврза за нормализирање на односите со Израел, вклучувајќи ги и дипломатските односи. Косовскиот претседател Хашим Тачи истакна дека неговата држава „ќе го одржи ветувањето за испраќање на дипломатска мисија во Ерусалим“.

Србија и Косово кои имаат аспирации за придружување на ЕУ би биле првите европски нации што би го следеле примерот на САД и на Гватемала кои ги преместија амбасадите во Ерусалим.

Потенцијалното преместување е спротивно на ставовите на ЕУ. Официјалната политика на европскиот блок наведува дека статусот на светиот град треба да биде решен помеѓу Израел и Палестинците во рамки на мировни преговори.

 – Нема членка ан ЕУ со амбасада во Ерусалим. Сите дипломатски чекори кои би можеле да ја доведат во прашање единствената позиција на ЕУ во однос на Ерусалим претставуваат повод за сериозна загриженост и жалење – истакна портпаролот на Европската комисија Петер Стано.

Дипломатскиот статус на Ерусалим е оспоруван откако американскиот претседател Доналд Трамп го призна за главен град на Израел во 2017 година, по што САД ја преместија својата амбасада таму, повикувајќи ги и другите држави да го следат нивниот пример. Ваквиот потег е контроверзен бидејќи израелско-палестинскиот конфликт останува нерасчистен, а Палестинците тврдат дека Ерусалим е нивен главен град.

Српскиот претседател Александар Вучиќ делуваше изненадено кога неговиот американски колега истакна дека Србија се согласила да ја премести амбасадата во Ерусалим. Во текот на вчерашната посета на Вучиќ на Брисел, на која беше и косовскиот премиер Авдулах Хоти, во рамки на преговорите помеѓу двете страни, српскиот лидер се обиде да ја разјасни ситуацијата.

– Србија уште не го отворила тоа поглавје. Но ние правиме се за да се усогласиме со декларациите и резолуциите на ЕУ колку што е можно повеќе. Но, секако, ги следиме нашите сопствени интереси – кажа Вучиќ.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, пак, порача дека Србија ќе ја премести амбасадата од Тел Авив во Ерусалим, истакнувајќи дека тоа ќе се случи до јули в година. Тој најави и дека Косово ќе биде првата земја со муслиманско мнозинство што ќе отвори амбасада во Ерусалим.

Генералниот секретар на Палестинската ослободителна организација (ПЛО), Саеб Ерекат, ја осуди одлуката на Србија, велејќи дека на тој начин „Палестина станува жртва“ на надежите на Трамп за реизбор.

Израел презема контрола врз Источен Ерусалим во 1967 година, а потоа изврши и анексија која не е признаена од меѓународната заедница, додека Палестинците го сметаат источниот дел на Ерусалим за главен град на нивната идна држава. Обединетите нации и ЕУ сметаат дека конечниот статус на Ерусалим мора да биде резултат на преговори помеѓу Израелците и Палестинците. Прашањето за Ерусалим е едно од најосетливите во израелско-палестинскиот конфликт што трае со децении. Во градот под заштита на УНЕСКО се наоѓаат третото најсвето место за исламскиот свет – џамијата Ал Акса со Златната купола, Ѕидот на плачот кој е најсвето место во јудаизмот и Црквата на воскресението во која христијаните веруваат дека Исус Христос бил распнат и погребан. Повеќе од 200 илјади израелски доселеници живеат во Источен Ерусалим кој е дом и на околу 300 илјади Палестинци. М.Ж.