Престижни студии и работни места за децата на политичарите

149

Граѓаните на Босна и Херцеговина се свесни дека обемната државна служба служи за вработување на децата и членовите на фамилиите на политичарите

Политичарите во Босна и Херцеговина едно зборуваат во јавноста, а друго прават кога е во прашање високото образование на нивните деца, кои по правило студираат на престижни универзитети во странство. За нив и за оние деца на политичарите што ќе се определат за домашните универзитети се резервирани најдобро платените места во државните институции или во другите владини агенции.
Наследниците на сите три члена на Претседателството на БиХ студираат надвор од Босна и Херцеговина, поточно во Виена, Амстердам и во Лондон. Апсурдноста се состои во тоа што сите политичари даваат позитивни критики за образовниот систем во земјата, пишува „Кликс“.
Ќерката на претседавачот на Претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ, по завршувањето на Ликовната академија во Сараево, го продолжува студирањето во Амстердам, Холандија. По завршувањето на постдипломските судии таа се враќа во БиХ.

Членот на Претседателството од редовите на хрватскиот народ Драган Човиќ својата ќерка ја испратил на студии во Виена, а по враќањето се вработува во Централната банка на БиХ. И другите членови од фамилијата Човиќ работат во државни агенции и се на раководни позиции.
Владимир Иваниќ, синот на членот на Претседателството на БиХ од српската заедница Младен Иваниќ, завршил Факултет за финансии и банкарство во Лондон, но продолжил да работи во Велика Британија. Ќерката на Иваниќ, сепак, се одлучува да студира на Правниот факултет во Бања Лука.
За студирање во странство се одлучиле и децата на претседателот на Република Српска, Милорад Додик. Неговиот син студирал на Факултетот за економија и менаџмент на угледен универзитет во Милано, додека неговата ќерка завршила факултет на Кипар.

Слична е состојбата и кај пратениците и другите носители на јавни функции. Граѓаните на Босна и Херцеговина се свесни дека обемната државна служба служи за вработување на децата и членовите на фамилиите на политичарите. Многу од тие вработувања предизвикаа и огромен револт меѓу обичните граѓани. Етничките разлики не ги спречија домашните политичари да постигнат слога кога станува збор за вработување на нивните деца. Меѓутоа, поразителен факт е што власта им порачува на граѓаните да се придржуваат на реформската агенда, која подразбира и намалување на јавната потрошувачка на сите нивоа, пишува „Кликс“.