Прекројување на границите на Балканот ќе предизвика опасен домино-ефект

1260

Промената на границите на Косово ќе им го олесни патот на босанските Срби да се обединат со Србија

Албанските владини претставници не се многу убедливи кога го осудуваат споменувањето на идејата за голема Албанија, како и српската и руската пропаганда, чија цел е да сее страв за Албанија. Фактите говорат сами за себе, пишува во текстот објавен во „Катимерини“. Неодамнешната објава на Фејсбук на косовскиот претседател Хашим Тачи предизвика многу контроверзии. Тачи напиша дека за време на една скорашна средба заедно со албанскиот премиер Еди Рама дискутирале за „потребата за целосно отворање на косовско-албанската граница и формирање албанска област без граници под евроатлантскиот чадор“. Притоа додаде дека во оваа област треба да бидат опфатени делови од јужна Србија, со претежно етничко албанско население.

Албанците со години систематски ја водат политиката на „национално обединување“ за да се создаде она што обично се нарекува „природна Албанија“ (друг назив за „голема Албанија“, само за да се потиснат реакциите од соседните држави и силните геополитички играчи). Албанија и Косово веќе имаат заеднички план, како и заеднички амбасади и дипломатски мисии. Во 2014 година, албанската влада ги укина работните визи за етничките Албанци од Косово и од Прешевската Долина во Србија. Само пред неколку дена, ваква мерка беше воведена и за етничките Албанци во Македонија и во Црна Гора.

Засега изгледа дека целта на планот е создавање албански шенген доколку се укинат границите меѓу двете држави. Тие за ова се залагаат постепено, затоа што постои ризик од негативни реакции кај неалбанското население. Американскиот предлог за размена на територии меѓу Косово и Србија ги олеснува нивните планови за една албанска територија, бидејќи предвидува обединување на Прешевската Долина, каде што доминантно население се етничките Албанци, со Косово, што е голем чекор кон обединување на етничките Албанци на Балканскиот Полуостров.

Српското лидерство реагираше на забелешките на Тачи. Сепак, коментарите на претседателот Александар Вучиќ и министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ покажуваат дека тие не се против идејата за територијална размена. Ова се должи на тоа што промената на границите на Косово ќе им го олесни патот на босанските Срби да се обединат со Србија, која во меѓувреме повторно ја врати контролата врз доминантното етничко српско население во областа на Косово, северно од реката Ибар.

На тој начин, голема Србија ќе се формира паралелно со голема Албанија. Двата големи историски спорови на Балканот, поточно албанското и српското прашање можеа одамна да се решат, но по цена да се јави домино-ефект по другите граници. Сосема нормално е што Германците се загрижени, пишува во текстот на „Катимерини“.