Предупредување до туристите за заштита од комарци

102

Грција

Со почетокот на туристичката сезона, здравствените власти во Грција, покрај опасностите од пожарите, предупредуваат и на неопходната заштита од болестите што се пренесуваат со убоди од комарци, јавува „Гардијан“.
Една недела откако грчкото министерство за надворешни работи (МНР) ги вклучи инсектите меѓу потенцијалните опасности при патување во земјата, здравствените власти ги повикуваат туристите да преземат соодветни мерки за заштита од западнонилскиот вирус, по ланското појавување на епидемијата.

– Има доволно случаи за да се знае дека ова е проблем за јавното здравје. Вирусот се етаблира во Грција преку птиците што мигрираат и им препорачуваме на сите да преземат заштитни мерки како носење долги ракави, избегнување места со застојана вода, користење заштитни мрежи и соодветни препарати за заштита – изјави Данаи Перваниду од грчкиот Институт за јавно здравје (ИЈЗ).

Рекордни 316 лица беа заразени од вирусот минатата година, а 50 лица починаа од болеста. Сезоната на пренос на вирусот започна невообичаено рано, а лабораториски дијагностицирани случаи се пријавени и во руралните и во урбаните средни, потврдуваат од грчкиот ИЈЗ.

Вообичаено е оние што се инфицирани со вирусот да немаат симптоми. Додека околу 20 отсто од заразените доживуваат благи симптоми, слични како оние на грипот, вклучувајќи покачена температура, главоболки и генерални болки, околу 1 отсто од заболените можат да развијат сериозна болест, според американскиот Центар за контрола на болести и превенција.

Сепак, лани во Грција, 243 од дијагностицираните болни од западнонилска треска покажале невроинвазивни болести како енцефалитис, менингитис и акутна парализа.
Грција во 2012 година последен пат се соочи со епидемија од толкав размер, кога беа регистрирани 262 случаи и имаше 35 починати лица.

Јужниот сосед годишно го посетуваат 31 милион туристи, скоро трипати повеќе од целокупната популација, а во моментов се преземаат конкретни чекори за да се контролира потенцијалното ширење на болеста.
Грција не е единствената земјата во која има зголемен број заболени од западнонилската треска. Во Италија, Кипар, Романија и Србија е забележано покачување на бројот на инфицирани од овој вирус.