Пратката кокаин со „Јадран“ требало да отпатува за Турција

217

Досега во Црна Гора никогаш не бил запленет кокаин со толку голема чистота

Поради обид за шверц на кокаин, кој е запленет на воениот брод „Јадран“, специјалното обвинителство на Црна Гора трага по Владимир Рачиќ, близок соработник на наркобосот од Пљевље, Дарко Шариќ. При оваа акција на воената полиција биле приведени три лица, меѓу нив и двајца припадници на војската на Црна Гора. Едно лице се наоѓа во бегство, пишува „Вијести“.

Вкупниот број на осомничените лица е пет, и тие биле дел од криминалната група, која со воениот едреник имала намера да прошверцува кокаин и оружје за Турција, а на враќање планирале да се вратат со хероин за Црна Гора. Владимир Рачиќ, во декември лани, пред Специјалниот суд во Белград, е осуден на десет и пол години затвор поради сомневање дека со Шариќ и нивните соработници учествувале во шверцување на 5,7 тони кокаин од Јужна Америка во Европа. Тој беше осуден во отсуство и се наоѓа во бегство.

На конференцијата за медиумите во Министерството за одбрана, главниот специјален обвинител Миливој Катниќ не прецизира дали запленетиот кокаин во вредност од пет милиони евра е поврзан со еден од двата завојувани црногорски клана во Котор.
Досега во Црна Гора никогаш не бил запленет кокаин со толку голема чистота и одземањето на оваа пратка претставува голема загуба за криминалната група.

Бродот на црногорската војска првпат бил злоупотребен за криминални работи.

Началникот на Одделението за воено разузнавање, Миљан Перовиќ, вели дека активноста на криминалната група била следена со месеци. Во кривичните пријави за осомничените воени лица се наведува дека мафијашките групи го набавувале кокаинот и го криеле во магацините на воениот објект Опатово. Тука, дрогата била препакувана и потоа продавана на различни локации во Тиват, пренесува „Дан“.

Истражните органи немаат сознанија дали заплената на кокаин од бродот „Јадран“ е поврзана со убиството на таткото на наводниот водач на Шкаљарскиот клан Веселин Вукотиќ.

Меѓутоа, посочуваат на тоа дека криминалните групи секогаш се подготвени да применат сила заради застрашување.

Медиумите во Црна Гора пишуваат дека полицијата на информативен разговор привела 26 лица блиски на Кавачкиот клан, за да добие информација за евентуалната вмешаност во убиството на Вукотиќ. По овие настани засилено е осигурувањето на членовите на двата клана, поради стравувањето од нови крвави пресметки во Котор и другите градови во Европа. Полицијата во ЦГ ги бара браќата Вукотиќ поради обид за убиство на двајца припадници на спротивставениот Кавачки клан Милош, Радоњиќ и Војин Ступара.

.