Пратениците ќе избираат влада од далечина

155

Црна гора

Пратениците на кои им е ограничена слободата на движење, поради вонредната состојба предизвикана од пандемијата на ковид-19, ќе можат да гласаат од далечина на седницата на Собранието на Црна Гора и на работните тела. Оваа можност се предвидува во измената на Деловникот што вчера беше усвоен во црногорскиот парламент. Дополнувањата на деловничките правила ќе важат до 31 декември годинава, а оваа можност е предложена од сите пратенички групи, пренесе РТЦГ.
Измените во гласањето првпат ќе се применат на седницата на втори декември, кога мандатарот Здравко Кривокапиќ ќе ги образложи програмата и составот на новата влада на Црна Гора.
Пратеникот е должен најдоцна до почетокот на седницата да го информира претседателот на Собранието, односно на работното тело, преку пишана или електронска форма (мејл), за постоењето на причините за спреченост да учествува со директно присуство на седницата, односно да гласа од далечина.

– Седницата на далечина се спроведува по пат на информатичка технологија, која овозможува пренос на податоци, слика и звук во реално време, со таков квалитет што без сомневање може да се утврди идентитетот на пратеникот што одлучува – се наведува во дополнувањата на Деловникот на Собранието.
Собранието на седниците од далечина одлучува со јавно гласање: со користење електронски систем за гласање, со кревање рака, со прозивка или употреба на информатичка технологија.