Правила и протоколи за пречек на првите туристи во Грција

265

Пред неколку дена Грција објави неколку правила и протоколи за туристите, туроператорите, превозниците и за хотелите во државата. Овие протоколи ги донесоа грчката влада и националната организација за јавно здравје. Во продолжение се елаборирани некои од правилата и протоколите…

Грција

Министерот за туризам на Република Грција објави дека сите патници што сакаат да летуваат во Грција треба да имаат негативен здравствен тест, не постар од 72 часа, без кој „нема да можат да влезат во авион“. Првпат се споменува дека „авионите, во вакви услови, ќе бидат полни, но пијалаци и храна нема да се сервираат, освен спакувани производи.“
Што се однесува до сместувањето, министерот за туризам истакна дека „во секое место ќе има обезбедено по еден хотел, кој би функционирал како карантин“ и дека „сите сопственици на сместување ќе треба да имаат договор со лекари што би ги тестирале туристите во секое време.“ Во случај да бидат позитивни, тие мора да бидат пренесени во хотелот за карантин најдоцна во рок од шест часа.

Нема да има бифе во хотелите, се воведуваат посебни правила за дистанцирање на плажите, а сите вработени во хотелите мора да поминат специјална обука за правилна хигиена.
Но чудно е што засега останува нејасно и недоволно прецизирано дали тоа ќе важи и за оние што доаѓаат со автомобили или со други превозни средства од соседството или регионов.
Грчките власти во правилата истакнуваат дека ќе бидат воведени строги мерки кога станува збор за превозот, како што се максималниот број на патници и бројот на места. Пред да се качат во брод или во авион, на патниците ќе им биде измерена температура и ќе бидат обврзани да пополнат здравствен прашалник. Бродовите ќе можат да пренесуваат само 50 проценти од патничкиот капацитет, а помеѓу патниците мора да има едно празно седиште, додека пак во кабините ќе има само едно лице, но само ако не станува збор за семејство.

Тој истакна дека идејата е патниците во авионите да се чувствуваат безбедно, бидејќи ќе знаат дека другите патници што летаат со нив се негативни на коронавирусот, пренесуваат германските медиуми. Сепак, епидемиолозите сè уште немаат конечна одлука како би го организирале сето тоа, за туристите на плажите да бидат што е можно порелаксирани од оваа состојба.
Планот на грчката влада за патувањето кон островите од копно ќе почне да се спроведува на 1 јуни.
Засега таквите патувања сѐ уште се забранети, во регионите со недоволно медицински установи, како мерка за спречување на ширење на коронавирусот. Со ублажување на мерките, патувањето кон островите ќе биде можно, но постепено и во неколку фази, бидејќи вирусот значително е ослабен. Во првата фаза од мерките предност ќе имаат сопствениците на туристичките компании и агенции што имаат претставништва и ќе можат да патуваат на островите од море или од воздух.

Од 18 мај, предност имаат работниците со посебни потврди дадени од работодавецот за работниците што се занимаваат со туризам. Ако од 25 мај до 1 јуни сѐ се одвива добро, сите би можеле да патуваат на островите, вклучувајќи ги и странските туристи.
Германската авиокомпанија „Луфтханза“ објави дека почна да лета за Грција од 18 мај, два месеци откако грчката влада ги забрани влезните летови поради пандемијата. Медиумите објавија дека летовите од Франкфурт и од Минхен кон Атина се планираат редовно за мај.
Сите патници што во Грција користат бродска линија подолга од половина час ќе треба писмено да одговорат на седум прашања поврзани со ковид-19. Во рамките на упатствата за превенција и спречување на ширењето на новиот коронавирус, Министерството за поморство и островска политика на Грција воведе специјални прашалници, кои патниците треба пополнети да ги достават при влегувањето во бродот или траектот.

Прашањата се однесуваат на изминатите 14 дена, а патниците ќе треба да одговорат дали имаат/имале ненадејни симптоми со температура, кашлање или отежнато дишење; дали имале близок контакт со лице заразено со ковид-19; дали се грижеле за лице заразено со ковид-19, дали посетиле или биле на мало растојание со лице заразено со новиот коронавирус; дали патувале (со кое било превозно средство) заедно со лице заразено со ковид-19; дали живееле во ист дом со заразен и дали работеле на мало растојание или биле во иста средина со лице заразено со ковид-19.
Во прашалникот се заведуваат и личните податоци, а во случај, врз основа на одговорите, да се констатира дека патникот има симптоми или на каков било начин во изминатите две седмици бил во контакт со заразено лице со ковид-19, тогаш нема да му биде дозволено да се качи на брод.

Прашалници треба да пополнат и оние што патуваат со брод на релацијата Грција – Италија, како и членовите на екипажот.
Од понеделникот до 15 јуни во сила се посебни превентивни мерки за бродовите во Грција. Засега е дозволено само патување на островот Крит, а од понеделник се очекува да се укине забраната за патување на сите острови.


Балканот се „дотерува“ за туристите

Хрватска пред една недела ги попушти мерките против коронавирусот, а како резултат на тоа сè повеќе странски туристи влегуваат во земјата. Словенија ги укина ограничувањата за влез во Хрватска, која досега договори пристигнување на туристи од пет држави. Првите туристи од Кина треба да пристигнат до септември, а пристигнуваат гости и од Унгарија, Австрија, Чешка и од Словачка, најавуваат тамошните медиуми.
Бидејќи бројот на новозаразени лица во Хрватска е минимален последниве денови, престојот на туристите би можел да биде целосно ослободен од драстични и посебни мерки, иако некои од нив ќе бидат во сила. Така, предвидено е 15 лица да бидат сместени на сто квадратни метри плажа, со одредба дека крпите не смеат да бидат една до друга. Ќе има службени лица на секоја голема плажа, кои ќе го следат однесувањето на туристите и ќе спречуваат да има метеж.

Хигиенските мерки ќе бидат строго спроведувани во хотелите, ќе се инсталираат средства за дезинфекција на сите места, а масите во рестораните ќе бидат на многу поголемо растојание отколку порано.
Особено е важно што, за да привлечат што поголем број туристи во Хрватска, ова лето на автопатиштата ќе важат зимските, значително пониски цени, а патарината за преминување на мостот до островот Крк ќе биде укината.
Маските се задолжителни за сите вработени во туризмот, од келнери до рецепционери, а во повеќето објекти од повисока категорија ќе работат специјални уреди за вентилација.
Цените се во мирување, затоа што се калкулира дека ќе бидат пониски. Само Дубровник реши да направи корекции, така што во многу добри хотели може да се ноќева за помалку од 100 евра.

Конкуренцијата за приватно сместување во подрачјето на Дубровник е толку голема што е можно квалитетни апартмани да чинат околу 50 евра. Исто е и во Ровињ, каде што во јули се нудат апартмани за 50-70 евра, додека хотелите засега не се поевтини, а цената за ноќ се движи од 150 до 500 евра.
На состанок на српскиот владин кризен штаб за заштита на здравјето на населението од заразната болест ковид-19 беа анализирани тековната епидемиолошка состојба и приспособеноста на мерките на тековната состојба, соопштија од српската влада.
Во препораките на Кризниот штаб до Владата, меѓу другото, се наведува „почнувајќи од петок, 22 мај, за влез во Република Србија нема да има потреба од негативен тест или посебна дозвола како за домашните, така и за странските државјани“.

На сите лица што влегуваат на територијата на Република Србија ќе им бидат издадени здравствени предупредувања, во кои ќе се наведува дека влегуваат на територија каде што сѐ уште циркулира вирусот, како и начините за спречување на инфекција.
Оваа препорака треба да биде потврдена в четврток, на седницата на Владата на Република Србија, се наведува во соопштението.
Бугарија соопшти дека се согласила со соседните Србија и Грција да ги олеснат рестрикциите за патување на 1 јуни воведени заради спречување на ширењето на коронавирусот.

„Се договоривме со Грција од 1 јуни да дозволиме патување без карантин за луѓето што патуваат поради бизнис, семејни или хуманитарни причини“, изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов. По телефонската конференција со лидерите на Грција, Романија и на Србија, Борисов рече дека Софија и Белград постигнале сличен договор и изрази надеж дека Романија наскоро ќе ѝ се придружи на иницијативата. Тој додаде дека целта е да се создадат услови за патување и туризам меѓу четирите земји, без 14-дневен карантин, со почитување на сите хигиенски услови за спречување на ширењето на вирусот.