По обновувањето на наставата, вирусот влезе во училиштата

467

Во Хрватска и во Србија се регистрирани првите случаи на заразени ученици и наставници, но според здравствените и образовните власти во овие земји, состојбата со епидемијата не е алармантна

По обновувањето на наставата во училиштата во Хрватска и во Србија се јавија првите случаи на заболени ученици од коронавирусот. Според мислењето на епидемиолозите и надлежните образовни институции, бројот на новозарзаените ученици е незначителен и тоа не може да влијае на нарушувањето на здравствената безбедност на другите ученици и персонал. Од Градскиот завод за образование на Загреб соопштија дека завчера во сите градинки и основни и средни училишта биле заразени вкупно 49 деца и 21 вработен, а 447 деца и ученици и 54 вработени во градските образовни институции биле во самоизолација. Во градинките биле заразени две деца и осум негувателки, а 121 дете и 20 работници се во самоизолација. Во основните училишта биле заразени 11 деца и шестмина вработени, додека 206 деца и 23 вработени се во самоизолација. Во средните училишта се заразени 36 деца и седум вработени, а 129 ученици и 11 вработени се во самоизолација.

– Кога ги гледаме вкупните бројки на заразени и во самоизолација, треба да знаеме дека во вкупниот број во градот Загреб во основните и средните училишта има околу 100 илјади деца, а во градинките над 30.000 деца. Здравствената состојба статистички не изгледа лошо – изјави Ива Милардовиќ Штимац за Радио Загреб.
Во училиштата и градинките во Загреб се придржуваат на препораките на здравствените власти за заштита од ширење на епидемијата. Некои од родителите и учениците се жалат дека е потребна целосна посветеност за исполнување на препораките. Претседателката на Синдикатот за образование, медиуми и култура, Божица Жулиќ, потсетува на ставот од пред короната дека бројот на децата во групите во градинките е преголем за еден воспитувач. Таа препорачува во една група за деца од 19 до 22-месечна возраст да има 12 деца. Во просек, во големите градови во групите има од 22 до 26 деца.
По одлуката за посетување редовна настава во училиштата во Србија, за 16 дена од корона заболеле 20 возрасни лица и 52 деца. Во основните училишта досега заболеле 27 ученици, а во средните училишта има 25 позитивни, а има и еден наставник, работничка и еден директор. Споредено со вкупниот број на ученици и вработени во средните и основните училишта од 850 илјади, тоа е добар резултат, според српскиот министер за образование Младен Шарчевиќ.

– Во Белград од коронавирусот се заразиле 16 ученици. Од први септември имаме спорадични појави на нови заболени, а имаме само еден случај во една група да има двајца заболени. Училиштата засега се најбезбедни места за престој на луѓето – објасни Шарчевиќ за ТВ Пинк.
Помошник-министерката за образование во Федерацијата на БиХ, Надија Бандиќ, изјави дека од почетокот на новата учебна година, наспроти противречните ставови на родителите и образовните институции, покажано е високо ниво на колективна одговорност, а системот за образование покажа дека мора да биде флексибилен и подготвен да се ослободи од традиционалните форми на учење.
– Се очекува сукцесивно враќање на децата во училишните клупи. Кантонот Сараево се врати на редовна настава, а тоа го направија и сите други десет кантони, со почитување на здравствените препораки и со примена на комбиниран модел на настава. До 12 октомври се враќаат во училиштата децата од втора и трета година од средното образование. Родителите имаат можност да се изјаснат ако сакаат децата да посетуваат редовен наставен процес или онлајн. Засега препораките се почитуваат, но има најголем отпор од родителите за тоа децата да носат заштитни маски – изјави Бандиќ за „Аваз“.
Кантоналните министерства за образование и наука редовно ја следат состојбата во училиштата и имаат разработено прецизни холограми во случај да се појави заразата од вирусот.

Наставата во Македонија ќе започне на 1 октомври, ќе биде комбиниран модел од физичко присуство (за децата од прво до трето одделение) и настава онлајн за другите ученици. Сепак, доколку во училиштето има доволно просторни услови да се обезбеди физичка дистанца, во тој случај може да добие дозвола за физичко присуство и за учениците од повисоките одделенија. До 10 септември се поднесени барања за 321 училиште (основно и средно) за физичка настава. Најголеми забелешки на предложениот модел на настава имаше Унијата на средношколци. Иако министерствата за образование и за здравство индиректно прифатиле некои од нивните барања, тие ја оставаат отворена опцијата за бојкот во случај комбинираната настава да не се спроведува и во училиштата со повеќе ученици.

Протестот го организира Сојузот на средношколци, а како што објави претходно, нивните барања се да има комбинирано или хибридно учење како најефикасен начин на учење за време на пандемијата, засновано врз епидемиолошката состојба во градовите.
По отворањето на градинките во Македонија од први септември се регистрирани два случаи на заболени лица во Битола и во Скопје. Две негувателки биле позитивни на коронавирусот, а пет деца од една група биле ставени во изолација.