По излегувањето од притвор, Морина се врати во Косово

250

Поранешниот член на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Томор Морина, по излегувањето од притвор, вечерва се вратил во Косово.

Косовските медиуми објавиле видео и информација дека Морина влегол во Косово околу 19 часот на граничниот премин „Блаце“.

Морина не сакал да даде изјава за медиумите, додека членовите на неговото семејство изјавиле дека тој е во добра здравствена состојба и бил добро третиран од властите на Република Македонија.

Врховниот суд денеска ја потврди пресудата на Основниот кривичен суд во Скопје дека не се исполнети условите за негова екстрадиција во Србија.

Томор Морина беше приведен на 24 јули на граничниот премин „Блаце“ по потерница издадена од Интерпол на барање на Србија. Тој е поранешен член на Ослободителната војска на Косово (ОВК), а Србија го сомничи за воени злосторства врз цивилно население на Косово во 1999 година.