По германскиот има и американски план за Косово

285

Берлин предлага двоен суверенитет за Косово, а Вашингтон не ја исклучува и можноста за корекции на границите

По информацијата дека Германија има подготвен план за решавање на косовскиот спор со давање двоен суверенитет на територијата на српските општини, вчера од извори на Белград беше соопштено дека постои и американски план, кој предвидува и опцијата за разграничување меѓу Косово и Србија. Претседателот на собранискиот одбор за Косово и Метохија, Милован Дрецун, на гостувањето во РТС рече дека САД ја сфатиле потребата од постигнување компромис, за да се смени статусот на Косово. Оваа понуда нема да биде долго на масата и прашањето за разграничување е отворено благодарејќи на корекцијата на ставот на САД.

– Вашингтон под администрацијата на Доналд Трамп сфати дека проблемот нема да се реши така што ќе се принуди Србија еднострано да ја признае независноста на Косово, туку дека е потребен компромис за поинаку да се моделира статусот на јужната српска покраина – изјави Дрецун.

Србија ќе мора да преземе мерки, ако Приштина не ги укине таксите за српските производи.

– Цело време избегнуваме да преземеме такви мерки што треба да биде коректив за однесувањето на приштина. Не треба таа да биде казнувана, туку треба да почне рационално да се однесува и да го отвори патот за разговори – нагласи Дрецун.

Приштинскиот весник „Газета експрес“ завчера, повикувајќи се на неименувани извори, објави дека Франција и Германија на претстојниот српско-албански состанок во Берлин (на 29 април) ќе ја објават идејата за двоен суверенитет на Косово, со кој српската страна ќе добие свои надлежности во општините населени со Срби.
Милован Дрецун посочи дека Берлин и Париз имаат паралелна активност наспроти Вашингтон.

– Очигледно ЕУ е потисната во втор план. Германија и Франција се залагаат за реформи во Унијата и тие треба да ја претставуваат главната оска. Треба да видиме дали тие се координирани во ставот или тоа ќе биде нивната последна понуда, која сѐ уште не е целосно дефинирана – вели Дрецун.

Европската Унија прифаќа промена на границите меѓу Србија и Косово, објави весникот „Блиц“, цитирајќи го еврокомесарот Јоханес Хан, кој нагласил дека размената на територии може да биде дел од договор за нормализирање на односите меѓу тие две држави.

Во изјава за „Вашингтон пост“, Хан зборувајќи за можно приспособување на границите истакнал дека правнообврзувачки договор меѓу двете страни би покрил области пошироки од прашања за границите и дека „еден од клучните елементи на иден договор мора да биде почитување на малцински права“.

– Во овој момент никој не може да предвиди што може да биде конечен исход. Можна размена на територии во секој случај, би можело да биде ако сакате – последен дел од сложувалката. Единствен предуслов е каков било билатерален договор да придонесе за мир и стабилност во регионот – нагласил Хан.


„Стандард“: Концепт територија за статус

Целта на претстојната регионална конференција во Берлин за Западен Балкан е да се „погребе“ планот за размена на територии, тврди виенскиот весник „Стандард“.
– Канцеларката има намера да предложи северот на Косово да добие еден вид специјален статус. Тоа е содржано и во идејата за Заедницата на српски општини, чие формирање е договорено со Бриселскиот договор, но досега тоа не е спроведено – пишува австрискиот весник.
„Стандард“ тврди дека идејата за размена на територии кај Србите што живеат јужно од Ибар ќе предизвика страв од прогон. САД, во меѓувреме, според дипломатски кругови, се откажале од оваа идеја, бидејќи тоа ќе биде поврзано со правни и безбедносни тешкотии.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ сака за признавањето на Косово за возврат да добие нешто и за тоа има поддршка од дел од европските кругови, што би водело до концептот територија за статус, пишува „Стандард“.