Потребен е разумен политички дијалог

62
Коронавирусот стана главна тема за партиско-политичко надмудрување и можност за повисок рејтинг

Временскиот простор до одржувањето на изборите, во некое блиско неопределено време, отвори можности за почнување нов дијалог меѓу главните политички ривали во Србија и во Македонија. Но длабоките политички разлики меѓу властите и опозицијата не влеваат оптимизам за менување на досегашната политичка практика за меѓусебно обвинување, а за добивање повисок рејтинг кај граѓаните

СРБИЈА

Одложувањето на парламентарните и локалните избори во Србија, како и парламентарните избори во Македонија, поради ширењето на коронавирусот, привремено ги одложи политичките теми меѓу носителите на извршната власт и опозицијата во двете земји. Временскиот простор до одржувањето на изборите, во некое блиско неопределено време, отвори можности за почнување нов дијалог меѓу главните политички ривали. Во Србија, како што пишува „Еуропиан Вестерн Балканс“, по завршувањето на вонредните карантински мерки, се отвора нова можност за почнување разумен дијалог меѓу владејачката партија на српскиот претседател Александар Вучиќ и дел од опозицијата, која одлучи да ги бојкотира претходно распишаните избори на 26 април годинава.

Но ако внимателно се следат потезите и настапите на политичките партии во време на корона-кризата, не постои голем оптимизам за почнување некаков разумен дијалог по справувањето со епидемијата. Впечаток е дека предизборната кампања во Србија и во Македонија продолжува со истиот интензитет, а меѓусебните обвинувања се пожестоки, но овој пат тие се насочени кон начинот на спречување со заразата или на мерките за санирање на економските последици од оваа здравствена криза.
Политичкиот експерт Бобан Стојановиќ смета дека ништо нема да се промени во односите меѓу власта и опозицијата по укинувањето на вонредната состојба во Србија.
– Не сум сигурен дека владејачката партија ќе сака каков било дијалог. Дури и во оваа ситуација, кога се толку потребни солидарноста и заедницата, Владата не прави апсолутно ништо за да ги мобилизира сите ресурси за иста цел, што е и подобро одговор на државата и општеството на тековната пандемиска криза.

Згора на тоа, на секоја прес-конференција се поставуваат прашања што очигледно се подготвени однапред, за „напад“ на опозицијата. Веројатноста за промена во одлуката за бојкот е минимална – вели Стојановиќ, за „Еуропиан Вестерн Балканс“.
Неговите очекувања по вонредната состојба се дека ќе се продолжи со партиската кампања каде што беше изоставена. Се разбира, и коронавирусот ќе биде една од клучните теми и значително ќе влијае на насоката на партиските јавни настапи.
Извршниот директор на Центарот за слободни избори и демократија, Бојан Клачар, вели дека е неблагодарно да се предвидат можни промени во идното дејствување на политичките субјекти во Србија.

– Иако изборите не се откажани, но се формално ист изборен процес, тешко е да се каже дека по вонредната состојба и владејачката и опозициската партија ќе продолжат таму каде што заминаа. Што се однесува до некој друг вид дијалог во врска со изборните услови, според сегашната одлука на РИК, нема простор за такво нешто, затоа што по завршувањето на вонредната состојба, истиот изборен процес треба да продолжи – вели Клачар.
И во Македонија, исто како и во Србија, коронавирусот е главниот фокус на спротивставување на партиско-политичките програми на власта и опозицијата. Последно од долгата низа јавни надмудрувања беше прашањето за бројот на тестови за откривање на вирусот кај граѓаните што имаат симптоми од болеста.

– Јас добивам загрижувачки податоци дека денеска ние немаме повеќе од 100 до 150 теста што ни се на располагање. Секој ден се зголемува бројката од 50 на 300, тоа не е сериозна работа, сериозна работа е кога ќе имате 10, 20, 30 илјади теста и ќе тестирате сѐ додека има луѓе што сакаат да се тестираат – истакна Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, во својот последен телевизиски настап.
Ваквите тврдења брзо беа демантирани од министерот за здравство Венко Филипче, кој изрази „чудење со каква леснотија Мицкоски ја лаже јавноста“. „Џабе се бориме против лажни и неточни вести ако претседателот на најголема опозициска партија свесно лаже и креира паника меѓу граѓаните“ – напиша на Твитер министерот Филипче.

Разликите во ставовите на главните политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за време на епидемијата уште повеќе се продлабочија. Иако се формира т.н. пржинска влада, два месеца пред одржувањето на парламентарните избори, која требаше да воспостави повисока меѓусебна доверба, тоа не се случува. Видлива е партиската поделеност во функционирањето на техничките министри од различните политички опции за време на епидемијата. Јавните настапи на партиските лидери се многу поостри, а може да се слушнат обвинувања за криминал, обиди за ширење паника, предавство на националните и економските интереси… Сето ова остава малку простор за почнување разумен политички дијалог во Македонија, по завршувањето на вонредната состојба предизвикана од епидемијата. Очигледно партиите своите сили ги насочуваат во зголемување на сопствениот партиски рејтинг и за време на сеопштата криза што ги зафати земјата и регионот.