Постојаните членки на СБ со различни ставови за косовската војска

48

Српскиот и косовскиот претседател, Александар Вучиќ и Хашим Тачи, разменија жестоки обвинувања на темата „Косовска армија“ на вонредната седница на Советот за безбедност (СБ) на ОН, а постојаните членки беа поделени во однос на прашањето за формирањето на косовската војска. Како и што се очекуваше, претставниците на САД и на Британија во Советот за безбедност на ОН прексиноќа ја поддржаа трансформацијата на косовските безбедносни сили во вооружена војска, додека Кина и Русија го поддржаа ставот на Србија.

Зборувајќи на вонредната седница на Советот за безбедност, претставникот на САД кажа дека трансформацијата на косовските безбедносни сили во војска е во согласност со Резолуцијата 1244 на ОН.

– Резолуцијата 1244 овластува меѓународно воено присуство на Косово, задолжено за разоружување на УЧК и други вооружени групи, и не се однесува на формирањето безбедносни сили – изјави американскиот претставник, додавајќи дека дијалогот треба да биде приоритет, повикувајќи ги двете страни веднаш да преземат чекори за да ги смират тензиите.

Амбасадорката на Британија Карен Пирс кажа дека нема правна пречка за трансформацијата и дека тој процес спаѓа во надлежноста на суверената држава, но дека треба да се спроведе во договор со КФОР и меѓународната заедница. Според неа, ништо во планот на Ахтисари, Резолуцијата 1244 и во Уставот на Косово не ја исклучува можноста за трансформација на косовските безбедносни сили во војска.

Од друга страна, амбасадорот на Русија во ОН, Василиј Небензја, кажа дека ја дели загриженоста на српскиот претседател Александар Вучиќ околу ситуацијата на Косово и Метохија и истакна дека трансформацијата на косовските безбедносни сили во војска е „грубо кршење“ на Резолуцијата 1244 и ги загрозува мирот и безбедноста во регионот. Небензја истакна и дека КФОР е селективен во исполнувањето на својот мандат.

Претставникот на Кина кажа дека Пекинг ги почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на Србија и ги пофали напорите на Белград да постигне политичко решение со Приштина. За страните да постигнат договор, кажа тој, двете страни мора да ја почитуваат Резолуцијата 1244, и да промовираат толеранција, економски напредок, мир и стабилност на Балканот.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изрази задоволство од резултатите на седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации во Њујорк. Вучиќ истакна дека Србија имала можност на отворена седница да ја запознае меѓународната јавност со состојбата на Косово по воведувањето такси за српски артикли и одлуката за трансформација на безбедносните сили на Косово.

Тој истакна дека Србија ги исполнила сите обврски од Бриселскиот договор додека, како што рече, „Приштина ништо не исполни“. Вучиќ ги повика ОН да се вклучат во дијалогот помеѓу Приштина и Белград, а на Србите од Косово им порача дека Белград ќе биде со нив.

Косовскиот претседател Хашим Тачи во Советот за безбедност ја бранеше одлуката како „ништо невообичаено“ и „природен чекор“.

– Ако Косово направило грешка, тогаш само таква што пет години чекавме на создавање армија – оцени Тачи. Тој уверуваше дека армијата со „војници на мирот“ ќе придонесува за стабилност на регионот.