Посетата на Путин на Белград испраќа скриени пораки кон Западот

3087
Владимир Путин (лево) и српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград

Посетата на Владимир Путин на Србија претставува своевидно предупредување за Западот, односно би можела да ги вознемири западните дипломати, додека гледаат како земјата кандидатка за членство во ЕУ го постела црвениот тепих за рускиот претседател, објавува британски Би-би-си.

– Ако Србија е решена да се приклучи на ЕУ, зошто тогаш продолжува јавно да го нагласува пријателството со Русија. Тоа е прашање кое постојано се наметнува – се наведува во анализата на британскиот медиумски сервис.

Истакнувањето на врските со Москва е привлечно за конзервативно-националистичкото јадро меѓу поддржувачите на српскиот претседател Александар Вучиќ и на неговата Српска напредна партија (СНС). Тоа го потенцира словенскиот и православен карактер на државата, и додека Србија се движи западно. Исто така, му помага на Вучиќ да докаже дека политиките што ја доближуваат Србија до ЕУ, како што е нормализирањето на односите со Косово, не се наметнати од Брисел, туку претставуваат рационален избор за подобрување на животот на граѓаните.

Од дипломатска гледна точка, домаќинството за рускиот претседател е потсетување за ЕУ да не ја зема лојалноста на Србија здраво за готово, односно да се држи до целта за проширување во 2025 година. Од друга страна, Путин сигурно ќе ужива во вознемиреноста на западните дипломати додека гледаат како земјата кандидатка за ЕУ го постела црвениот тепих.

Путин во пресрет на посетата ги обвини „САД и дел од западните држави“ дека се обидуваат да воспостават доминација на Балканот, преку членството на Црна Гора во НАТО и преку можноста за внесување на Македонија во воената алијанса.

Рускиот претседател во две интервјуа пред посетата, ги нагласи вековните врски со Србија, како и најавеното потпишување на 21 спогодба меѓу двете држави. Тој исто така, вети продолжување на воената и технолошка соработка со Србија, а го критикуваше и начинот на кој ЕУ се справува со Косово.