Поројни дождови предизвикаа поплави во Хрватска и во Црна Гора

78

Силниот ветер кој од вчера дува во поголемиот дел на Хрватска, особено во Далмација, со себе донесе и поројни дождови.

Еден од најпогодените градови е Задар, каде силниот ветер корнел дрвја и покриви.

Невреме го зафати и југот на Далмација. Во Шибеник нивото на морето е зголемено, а во населбата Долац морето се излеало и поплавило неколку улици. Морето се излеало и во градот Омиш, како и на островот Хвар.

Во прекин се бројни поморски линиии до неколку јадрански острови.

Пороен дожд го погоди и северниот дел на Јадранот. Во Кварнер на неколку мерни станици биле измерени повеќе од 200 литри дожд по квадратен метар. Тоа значи дека на тие места во еден ден наврнал повеќе дожд отколку што вообичаено паѓа во текот на цел декември.

Поројните врнежи од дожд кои ја погодија Црна Гора, пак, предизвикаа поплави во општините Тиват, Котор и Будва.

Како што јавуваат локалните медиуми, поплавен е патот пред стариот град во Котор, а во Тиват затворени се неколку улици.

Општинските власти апелираа до сопствениците на пловила во пристаништето Калимањ итно да се упатат таму и да почнат со испумпување на водата, затоа што голем број пловила веќе се загрозени.

Командирот на Службата за заштита и спасување, Зоран Бабиќ, рекол дека во случај на уште поголемо зголемување на нивото на морето подготвени се вреќи со песок.

„Припадници на службата, со асистенција на други надлежни служби и претпријатија, веќе прават обиколка на локации кои се загрозени од порастот на нивото на морето“, се наведува во соопштението на СЗС.

Во централните и јужните предели на Црна Гора на сила е црвен метеоаларм, поради тоа што ова подрачје е под силно влијание на циклонска активност која донела пороен дожд и силен јужен ветер.

Поради лошите временски услови, поголемиот дел од попладневните летови на националната авиокомпанија „Монтенегро ерлајнс“ доцнеле. Од компанијата соопштиле дека можно е да има доцнење на летовите во текот на следните 24 часа.