Порака за обединување на Балканот за чист воздух

91
Фото: Игор Бансколиев

Земјите од Западен Балкан имаат најлош квалитет на воздухот во Европа и затоа е потребно со заеднички сили да се спречи предвременото умирање на 13.500 луѓе годишно. Од нив повеќето умираат како последица на прашкестите материи што потекнуваат од термоцентралите на јаглен на Западен Балкан, порачуваат од граѓанската иницијатива „Да не го давиме Белград“, пред почетокот на кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“.
Жителите на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Србија и на Македонија еднакво се изложени на загадувачите на воздухот, односно од топланите и фабриките што користат фосилни горива, а еден од значајните фактори е и застарената технологија на греење во домаќинствата.

Во кампањата „Обединет Балкан за чист воздух“ се истакнува регионалната соработка, која е неопходна за трансформација на енергетските системи за заштита на животната средина, со која ќе се унапредат економијата и јавното здравје. Притоа се наведува податокот дека 16 термоцентрали на јаглен на Западен Балкан, емитираат повеќе штетни гасови од сите 250 што работеле во Европската Унија. Во ноември лани шесте земји на самитот во Софија заеднички ја прифатија Зелената агенда за Западен Балкан и со тоа се обврзаа дека ќе ги следат политиките на ЕУ и нејзиниот Европски зелен план. Тој предвидува постигнување климатска неутралност најдоцна до 2050 година, што би значело преориентирање на итни мерки за сузбивање на загадениот воздух.