Поразот на последниот „крал на Црна Гора“

611

„Кралот на Црна Гора“ е насловот на написот на британски „Економист“ посветен на Мило Ѓукановиќ пред нешто повеќе од една година, односно на контроверзниот лидер што доминираше на политичката сцена во Црна Гора во изминатите 30 години, пишува „Еурактив“.

Но дури и кралот Мило, кој беше способен да плива низ немирните води на балканската политика, подобро и подолго отколку кој било друг, се соочи со пораз. На изборите одржани во неделата, неговата партија ДПС загуби контрола врз паралментот за првпат по 1991 година, и покрај тоа што Ѓукановиќ останува претседател (има мандат до 2023 година).

Кога гласовите беа преброени излезе на виделина нова политичка реалност во Црна Гора. Кралот Мило беше соборен од престолот од страна на разнолик тим, соединет од „желбата да стави крај на неговиот режим“.

Според аналитичарите за поразот на Ѓукановиќ придонесе законот за национализација на верскиот имот кој ја разлути Српската православна црква и предизвика протести и немири. Но причините за поразот имаат корени во контрадикторностите во текот на владеењето на Ѓукановиќ, кое се чинеше бесконечно. Од млад сојузник на Слободан Милошевиќ за време на конфликтите што го одбележаа распадот на СФР Југославија, со политичкиот инстинкт што го поседува, Ѓукановиќ се трансформираше во умерен, проевропски и проатлантски лидер, но со контрола на моќта преку пристап исполнет со непотизам, раширена корупција, сериозни ограничувања на слободата на медиумите и поробување на институциите за личните и партиски интереси.

Моќта на Ѓукановиќ имаше повеќе сезони. Од југословенските војни до евроатлантската фаза во која од западните лидери доби потполна амнестија за минатите гревови (долго време се соочуваше со обвинувања од Италија поради наводен шверц на цигари), осигурувајќи ја стабилноста на државата насочена кон Западот.

Дента по изборите, лидерите на опозициските партии се сретнаа да ги постават темелите на политичката платформа за Црна Гора. Првите чекори на новата коалиција се испраќањето на смирувачки пораки по повеќемесечните тензии. Прво подадената рака кон гласачите на ДПС дома, а потоа и кон меѓународната заедница со најавеното продолжување на патот кон ЕУ и почитување на меѓународните договори. Во меѓувреме младата демократија на Црна Гора искуси нешто ново – промена на власта преку волјата на народот.