Помпео следната недела во Хрватска, во фокусот Западен Балкан

56

Шефот на хрватската дипломатија Гордан Грлиќ Радман потврди дека следната недела во Хрватска пристигнува американскиот државен секретар, Мајк Помпео и дека меѓу темите на разговор ќе биде и укинувањето на визите, западен Балкан со акцент на Босна и Херцеговина, договор за избегнување на двојно оданочување и визно ослободување.

Меѓу членките на ЕУ единствено државјаните на Хрватска, Бугарија, Романија и Кипар не можат да влезат во САД без виза.

Министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ изјавил во јуни дека Хрватска е во завршна фаза за ослободување од визите за САД.

– Во секој случај тоа е една добра средба. Ги зајакнуваме трансатлантските врски и соработки – рекол Грлич Радман.

Се очекува дека Помпео за време на посетата на Хрватска, ќе се сретне со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и министерот за надворешни работи Радман.

Помпео неодамна ги посети Полска, Чешка и Словенија. Ги предупреди на опасност од растечко влијание на Кина и Русија, а се очекува истото да го направи и во Хрватска.

Кој став ќе го заземе Хрватска по прашањето за 5Г технологијата од Кина и дали ќе потпише со САД заедничка изјава за безбедност на 5Г мрежа, Грлиќ Радман не сакал да одговори, но порачал дека ќе се разговара за тоа, а за деталите и датумот ( за пристигнувањето на Помпео) навремено ќе ги информира медиумите.