Помлад маж е првиот заболен од коронавирус

778
Во аптеките во Сплит недостигаат заштитни маски

Во Хрватска е потврден првиот случај на заболен пациент со коронавирус. Станува збор за помлад маж, кој се наоѓа на клиниката за инфективни болести „Фран Михаљевиќ“ во Загреб и е во добра здравствена состојба. Оваа информација ја објави премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ, кој на прес-конференција соопшти дека хрватскиот државјанин престојувал во Милано меѓу 19 и 21 февруари и покажува симптоми на поблага болест.

– Сега сите здравствени служби се посветени на испитување на лицата што контактирале со заразеното лице. Тоа ќе биде ставено во карантин – изјави Вили Берош, министерот за здравство, кој рече дека се очекуваат и резултатите од тестирањето на девет работници, кои неодамна пристигнале од Италија, а кои се под надзор во болницата во Риека.

Медиумите во Хрватска пишуваат дека наодите на работниците се испитуваат, но се сомнева дека еден од нив покажува знаци на болест. Загрижува информацијата дека тие работеле во фабриката во која биле заразени 20 лица со коронавирус. Оваа фабрика се наоѓа во блокираните региони во Италија, кои се ставени во карантин.
Состојбата со ширењето на коронавирусот е во фокусот на интересирање на населението во Хрватска.

– Во Сплит нема регистрирано заболени лица од вирусот. Кај луѓето се чувствува страв и секојдневно ги следат информациите во медиумите. Во аптеките недостигаат маски за лица. Во продавниците има доволно храна и нема недостиг од некој производ. Бродскиот сообраќај меѓу Сплит и италијанските градови е вообичаен. Прометот на патници се одвива нормално, но има засилени контроли на царинските премини.
Во Италија полека се намалуваат тензијата, стравот и паниката кај локалното население во заразените региони, што беше присутна во првите денови од појавата на болеста.

– Ги следиме препораките од медицинските власти во Италија, кои се однесуваат на здрава исхрана и одржување на хигиената. Психозата направи луѓето во областа Венето да ги испразнат рафтовите од продавниците, да ги купат сите маски и течности за дезинфекција на рацете без користење вода. Голем број од луѓето стануваат свесни дека нема потреба од паника, па затоа психозата спласнува. Немам намера поради вирусот да бегам некаде – вели Љупка Делева, македонска уметница, која живее и работи во Венеција. Таа во статусот објавен на социјалните мрежи им се заблагодари на сите покани да престојува во Македонија.

Хрватските власти вчера ги зголемија контролите на патниците на граничните премини и на аеродромите. По првите сомнежи за ширење на коронавирусот во Хрватска, е забележано намалување на порачките за хрватските производи. Од Владата најавуваат дека се подготвени да ја затворат границата, а тоа веќе го сторија и Грците кон границата со Турција.