Половина од мајките се пораѓаат над 35-годишна возраст

85

Повеќе од половината родилки во Хрватска, односно 56 отсто, имале повеќе од 30 години, а секоја петта била постара од 35 години. Учеството на мајките постари од 35 години, според податоците објавени во публикацијата „Породувањата во здравствените установи во Хрватска во 2018 година“, се дуплирал во последните 15 години. Во 2003 година во оваа категорија биле помалку од 11 отсто од мајките, а во текот на 2018 мајките над 35 години изнесуваат 22 отсто. Шеесет жени родиле над 45-годишна возраст.

Во периодот од животот од 20 до 25 години, кога е најоптималниот период за раѓање (од биолошки и медицински аспект) има сѐ помалку жени, предупредуваат од Хрватскиот завод за јавно здравје. Лани на оваа возраст се породиле 4.837 жени, што е 13 отсто од сите породувања во Хрватска. Повеќето од мајките биле во старосната граница од 30 до 35 години, а нивниот број изнесува 12.670, односно 34,5 отсто.

Уделот на тинејџерките што станале мајки е релативно низок и нивниот број е стабилен неколку години. Лани пред 20-годишна возраст родиле 888 девојки, односно 2,4 отсто. Но оваа стапка е двапати повисока во споредба со соседната Словенија, во која еден отсто од мајките биле помлади од дваесет години.

Последните години опаѓа и делот на првороденчиња, а во пораст се породувањата на трето или секое следно дете. Во 2013 година 51,3 отсто од децата биле првородени во семејството, а 16,7 отсто од родените имале две или повеќе браќа или сестри. Лани уделот на првородените деца падна на 39,88 отсто, а уделот на трето или секое следно дете порасна на 21 отсто.

Секое четврто породување е направено со царски рез, а тоа е нешто помалку од 2017 година кога имало 249 породувања. Од 2001 г. стапката на породувања со царски рез рапидно се зголемува. Пред 18 години 119 породувања на секои 1.000 биле со царски рез.