Половина од гласачите живеат на адреса без број

69

Демократска Црна Гора предлага граѓаните што ќе гласаат да бидат ослободени од плаќање дел од административните такси

Во избирачкиот список на Црна Гора, од вкупно 532.599 запишани гласачи на последните избори, 278.820 немаат домашна адреса, туку се водат на адреси без број. Фантомските гласачи, покрај тоа што се кријат на необележени адреси, тие се кријат и зад лажни матични броеви, престојувалишта и преноќувалишта, а тоа е овозможено од локалните самоуправи, кои со години одбиваат или ја одолжуваат постапката за давање називи на улиците и на населените места и означување на броевите на сите станбени единици. Ова се покажа со партиската анализа на Демократска Црна Гора, со што се прикрива механизмот за изборни манипулации на владејачката партија ДПС.

Пратеникот и член на Одборот за сеопфатна реформа на изборното законодавство, Момо Копривица, во разговор за „Вијести“ вели дека неговата партија ќе предложат решение со кое ќе се овозможи бришење на фантомските избирачи.
– При впишувањето на лажните податоци, фиктивните гласачи задолжително добиваат адреса без број, за да се прикрие трагата. Со куќниот број лесно ќе се открие непостојниот гласач преку проверка на базата на податоци и со непосредна теренска проверка – вели Копривица.

Во Демократска Црна Гора се залагаат за поголем одзив на граѓаните, со што ќе се добијат поголем легитимитет на изборниот процес и на новоизбраната власт, поголем степен на демократичност и политичка стабилност на земјата. Демократите предлагаат решение што нема да ги санкционира избирачите што апстинираат, како што е случај во некои земји во Европа и во светот, туку ќе ги награди граѓаните што го користат своето избирачко право. Со ова би се постигнал поголем одзив на изборите, а со тоа ќе се подигнат и нивото на демократичност и учеството на што поголем број граѓани на непосредните избори.

Конкретно, Демократска Црна Гора предлага за граѓаните што ќе го остварат своето право на гласање да бидат ослободени од плаќање дел од административните такси за уверенијата што се издаваат за возачка и сообраќајна дозвола, за заверување потпис, препис или за утврдување автентичност на ракопис и за заверка на договори и полномоштва.

Голем број развиени држави во Европа и во светот имаат воведено задолжително гласање на изборите. Меѓу нив се Грција, Австрија, Луксембург, Белгија, Бразил и други земји. Санкциите за непочитување на оваа законска обврска, во зависност од државата, се движат од парична казна до административна пречка при издавање одредени документи.